Патниот правец од Трпејца до Отешево, преку планината Галичица и по завршување на зимската сезона за одржување на патишта– 15 март, се’ уште е затворен за сообраќај.

Овој патен правец и оваа сезона не е беше ставен на приоритетната листа за зимско одржување на патиштата,  иако охридската подружница на „Македонија пат“ најавуваше дека тој ќе биде одржуван делумно во зимскиот период, но само до месноста Корита. Но, бројните излетници кои изминатите денови се одлучија да го искористат убавото време за прошетка до ова популарно излетничко место беа непријатно изненадени, затоа што патот до Корита се’ уште не е исчистен од снег.

Овој патен правец децении наназад се затвора за секаков вид сообраќај од октомври до март, со образложение дека не постои економска оправданост за негово одржување. На Галичица нема ниту пункт за орджување на патишта, а тесниот планински пат изграден во средината на минатиот век не е ни соодветно обележан и обезбеден. Но, ова очигледно не им смета на надлежните институции, политичарите и туристичките работници, кои постојано ја актуелзираат идејата за изградба на ски центар на Галичица, иако, барем засега, не сме во можност да оспособиме, модернизираме и одржуваме најобичен планински пат.

Г.М.