Охридската општа болница се пофали дека е лидер во Македонија по однос на задоволството на пациентите од услугите кои ги добиле во оваа здравствена установа. Директорот на општата болница Д-р Љубен Арнаудов, денеска на прес конференција ги објави резултатите добиени од анонимната анкета што во изминатиот период ја спровело Министерството за здравство.

-Од испитаните пациенти 85,5 % се задоволни од медицинската нега, 92,2 се задоволни од условите и комфорот во чекалните, 66,6% од опремата во болничките соби, 66,7 % од условите во болничките соби, 100% задоволни од хигиената во болничките соби, 100% задоволни од болничката храна и 100% задоволни од квалитетот на болничката нега пружена од лекарите.-истакна Д-р Арнаудов.

Тој рече дека ваквите позитивни резултати се должат на вложените напори на раководниот тим изминатите години, изградбата на новото болничко крило и набавката на нова опрема и најсофистицирани апарати кои постојат денес во светската медицина,  што според него,  придонело значително да се подобрат условите во охридската општа болница.

-Наша цел е да имаме задоволни пациенти кои ќе добиваат квалитетна услуга и нема да шетаат по другите здравствени установи низ земјата, а со тоа да придонесеме да се заштедат финансиски средства. – додаде Арнаудов.

Арнаудов посочи дека значитечно е зголемен и бројот на третирани пациенти во болницата од 116.000 во 2007 – 08 година, на 189.000 оваа година, најавувајќи дека во идниот период болницата ќе вложи повеќе средства во подобрување на условите, пред се во интерното одделение кое ќе добие енергетски ефикасна фасада.

Сепак и натаму сериозен проблем претставува недостигот од специјалисти во повеќе одделенија во охридската општа болница, на што се работи уверува Арнаудов. 

-Ние меѓу првите го акцентиравме овој проблем. Нашата болница во 2007 година имаше просек на старост на лекарскиот персонал од 56 години, но се презедоа мерки, имаме примено 23 нови лекари од кој 16 се пратени на специјализација, како и 27 медицински сестри и 90 лица пропратен медицински персонал во рамки на легализација на работниот однос на волонтерите, спроведена неодамна. Комплетно проблемот не е саниран, планираме уште лекари да примиме со што тој ќе се надмине.-рече Арнаудов.

Најизразен е проблемот со анестезиолозите. Во општата болница во Охрид ги има само двајца, поради што се ангажираат специјалисти од други градови.

-Најтенки сме на анестезиологија, каде од наш персонал имаме две докторки, едната е со скратено работно време, другата со здравстени проблеми и се во години. Имаме испратено тројца колеги на специјализација, планираме уште еден да пратиме, но тој процес трае 6-7 години, па ќе потрае додека го решиме тој проблем. Моментално имаме ангажирано лекари од струшката болница и од клиничкиот центар во Битола така да нема проблеми.-изјави Арнаудов.

Г.М.