Изминатите денови Охрид живееше како во шпиц на сезона. Угостителските објекти за време на новогодишниот викенд беа исполнети со гости од сите краеви на земјава и регионот, а тоа ги „раздвижи“ и инспекциските служби.

Од страна на Државниот пазарен инспекторат- подрачно одделение Охрид, во периодот од 31.12.2021 година до 02.01.2022 година извршени биле вкупно 73 контроли врз субјекти кои вршат дејност на подрачјето на Општина Охрид, при што биле констатирани прекршоци во 2 случаи.

На ден 01.01.2022 година во еден угостителски објект е утврдено дека дејноста се врши без истата да биде запишана во соодветниот регистар за вршење на дејност од страна на физичко лице. За констатираниот прекршок изречени се мерки согласно Законот за забрана и спречување на вршење на нерегистрирана дејност, односно донесено е решение за привремена забрана за вршење на дејност до запишување на дејноста во соодветниот регистар и изречена е законски предвидената глоба, информираше раководителот на одделението за инспекциски надзор Охрид Цветко Ристески.

На вториот ден од годината, инспекторатот констатирал прекршување на протоколите за заштита од заразни болести при одржување на концерт во угостителски објект.

На ден 02.01.2021 година кај организатор на концерт констатирано е дека е постапено спротивно на одредбите од Законот за заштита на населението од заразни болести, односно дека не се почитуваат одредбите од Општиот протокол за организирање на настани. За констатираниот прекршок донесено е решение за привремена забрана за вршење на дејност и изречена е глоба, додава Ристески.

Кај истиот субјект било утврдено и дека врши угостителска дејност без да се исполнети пропишаните минимално технички услови и за констатираниот прекршок е изречена глоба согласно одредбите од Законот за угостителска дејност.

 

К.А.