Oдгледувачите на пчели годинава ќе добијат за 100 денари поголема субвенција во споредба со лани. За најмалку 35 регистрирани презимени пчелни семејства, како што соопштуваат од Министерството за земјоделство, на одгледувачите ќе им се исплатат по 600 денари субвенција, наместо ланските 500 денари, за едно пчелно семејство.

Доколку пчеларниците се наоѓаат во рурални подрачја, каде што има ограничени услови за производство, критериумот за субвенционирање се намалува за 50%. Тие ќе добијат и за 15% поголема субвенција. Годинава зголемена е и финансиската поддршка која државата ја дава на пчеларите за набавка на матици. Таа во споредба со лани е поголема за 150 денари за матица и изнесува 500, наместо ланските 350 денари.

Корисници на оваа подмерка од Програмата се земјоделските стопанства кои поседуваат најмалку 15 пчелни семејства-нулеуси и кои од одобрено и регистрирано одгледувалиште на пчелни матици, имаат купено до 10 матици во периодот од октомври 2011 до април 2012 година. Како и лани, поддршката за подигање на нови површини под медоносна флора изнесува 2.500 денари за хектар за минимум подигнати 0,2 хектари или осум денари за садница со фацелија, еводија или багрем. Корисници на оваа финансиска поддршка се земјоделските стопанства кои поседуваат намалку 35 презимени пчелни семејства.

Рокот за поднесување барања за финансиска поддршка за презимено пчелно семејство за набавка на матици и за подигање на насад со медоносни растенија е до 20 јуни годинава.

OhridNews