Пчеларите од Охрид изразуваат незадоволство од Пресудата која е донесена против пчелар од Охрид, обвинет дека негов рој на пчели нападнале Охриѓанец. За истото, Основниот суд во Охрид донел Пресуда со која обвинетиот Лазе Грозданов треба да му исплати на тужителот вкупен износ од 600.000 денари со камата на поединечни износи, плус административни трошоци  односно вкупно околу 15.000 евра. Првичното барање од тужителот на граѓанската тужба е во износ од 1.200.000 денари.

Настанот се случил пред 8 години, на 30.06.2014 година во Охрид на Булевар „Туристичка“ кога, според Пресудата, Грозданов управувал товарно моторно возило на кое имал натоварено сандаци со пчели.

Иако бил свесен дека поради тоа што дел од сандаците не биле добро обезбедени и затворени можат да настанат штетни последици и да биде предизвикана значителна опасност за животот или телото на луѓето или за имотот од големи размери, лекомислено сметал дека ќе може да ги спречи. Од сандаците излегле рој пчели кои што летале над возилото во моментот кога оштетениот  со неговата сопруга и пет месечно бебе во количка се движеле по тротоарот, се вели во образложението од Пресудата.

Според Грозданов, ваквата Пресуда е директен удар врз пчеларството. Тој обвинува за добро организирана шема помеѓу судските институции и вели дека не е јасно зошто е пресудена толкава сума на пари.

Пресудата не ја сфаќам лично кон мене во овој случај да, но во понатамошно време ја сфаќам како директен удар врз пчеларите и врз пчелите. Би сакал да се информира јавноста за тоа каков е третманот на актуелниот став на Судот во Охрид, односно на негов судија. Не знам какви докази требаа, за после 8 години од случајот да дојдеме во ситуација каква што сме денес. 99 отсто од пчеларите можат да потврдат дека во ниту еден случај пчелите не го напуштаат пчелното семејство и не се упатуваат по тротоари да оштетат некого, ниту пак ние како пчелари имаме можност и влијание врз пчелите да посочиме една личност која би била нападната. Ситуацијата е апсурдна, но судијата го прифати целиот спор, истакна Грозданов денес пред пчеларите од Охрид во Општинската сала. 

Поднесена била и жалба до Апелациониот суд во Битола која што ја потврдила првичната тужба и е доставена на извршување во Охрид, за што Грозданов платил околу 3.000 евра во првична постапка во којашто се докажало дека пчелите биле негова сопственост и возилото во кое биле пренесувани било негово. Оттука, како што вели тој,  другата страна се стекнала со право  преку граѓанска тужба да побара надомест на штета во износ од 1.200.000 денари. Како што беше истакнато денес, пчеларите го  креваат  гласот за ова да не стане судска пракса и побараа преиспитување на случајот.

Бараме до Републичкиот судски совет и Министерството за правда да го преиспитаат конкретниот случај и да не информираат нас како пчелари „Дали чувањето на пчели претставува високоризична професија“. Второ, дали со висината на казната која е утврдена, ние сме категоризирани во групата на убијци, затоа што судската пракса зборува дека за такви тешки кривични дела Судот определува толкави износи. Како трето, дали има намера Републичкиот совет и Министерството за правда да застане во одбрана и да помогне ние пчеларите во иднина да се занимаваме за здравјето на нашите пчели,  и како последно сакам да прашам , дали со давањето субвенции од страна на државата за стимулирање на пчеларството и самата држава не е соучесник во овој или вакви случаеви ? потенцираше Грозданов.

И Тони Јосифоски, претседател на пчеларското здружение Охрид смета дека пресудата е апсурдна .Во време кога светот носи заштитни мерки за пчеларството и го финансираат пчеларството со огромни финансиски средства за жал кај нас во Македонија, Судот во Охрид донесе една тешка пресуда, вели тој.

Со оваа пресуда, Судот не прогласува нас пчеларите за убијци и дека чуваме инсекти кои се животно загрозувачко по останатиот дел на населението. Ова е прв проблем што удира по пчеларите и бараме од Министерството за правда, Републичкиот судски совет да ја преиспитаат оваа одлука на Судот во Охрид и да застанат во заштита на пчелите истакна Јосифоски.

Тој додаде дека ова е прв ваков случај кој што е забележан од здружението и изрази надеж дека ќе биде донесена одлука која ќе ги задоволи сите страни.

Во однос на негодувањето од страна на охридските пчелари го контактиравме тужителот, кој за овој случај немаше дополнителен коментар, посочувајќи дека се што имал, кажал пред судот.

К.А.