Младата Каролин Велковски, охриѓанка по потекло, родена и живее во Виена, Австрија, веќе неколку години успешно плива во музичките води. Неодамна таа ја промовираше најновата песна „Парада“, за која сними и видео спот.

Каролин вели дека ова е и е најдраг проект до сега, бидејќи носи во себе битна порака.

„Парада“ е мојот најнов сингл кој го подготвував цела година со желба да биде перфектен и да пренесе многу важна порака што погласно. Песната зборува за лажниот сјај на денешницата, а целта е да не потсети на вистинските вредности во животот. Спотот е снимен во Скопје и го подготвувавме долго време за да можеме да го донесеме до совршенство, изјави за Охридњуз Каролин.

Каролин Велковски има 26 години. Оваа амбициозна девојка по професија е дипломиран правник, а има и универзитетска диплома од областа на економијата.

И покрај двете дипломи моја најголема љубов е музиката, додава Каролин.

Нејзината музичка кариера почна пред три години кога настапи на регионалното шоу „Ѕвездите на Гранд“, а продолжи со 4 авторски песни, од кои три се на македонски јазик. Има издадено и повеќе кавери. Настапува во Австрија, но и во други земји, меѓу кои често и во Македонија.

OhridNews