Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски денеска информира дека е приведено 34 годишното лице Л.А од Битола, за потпалувањето на влезната врата на културниот центар „Иван Михајлов“ во Битола на 4 јуни. МВР бара одредување мерка притвор заради тоа што, нагласи Спасовски, се исполнети условите по однос на таквото барање.
Прашан од новинарите дали се работи за Ламбе Алабаковски, министерот Спасовски само посочи дека зборува за лице со иницијали Л.А, кое живее во Битола.
Имаше опсежна активност на СВР Битола се преземаа многу активности, многу службени разговори се обавени, прегледан е многу материјал од видео надзор не само од објектот, туку и на повеќе објекти и на основа на сите податоци и информации дојдовме до сторителот на ова кривично дело, изјави Спасовски, кој денеска е во работна посета на СВР Охрид.

Имаме несоборливи докази, лицето е приведено во полициска станица и во моментот очекуваме дека ќе биде извесен пред надлежниот судија на претходна постапка, рече министерот за внатрешни работи Спасовски.

Претходно утрово, министерот Спасовски на Фејсбук напиша дека лицето го признало делото.
Центарот на бугарската заедница во Битола, кој го носи името на контроверзната историска личност Ванчо Михајлов, пред три дена беше опожарен. Изгоре влезната врата и натписот „Ванчо Михајлов“ од бугарскиот клуб на улица Рузвелтова во Битола, а внатре не е нанесена штета.
Случајот, како и приведувањето на Алабаковски е топ тема на социјалните мрежи каде врие од коментари.
OhridNews
Фото: МВР/Фејсбук/сдк.мк











