Начелно ние како Локална самоуправа ќе направиме се односно можам да кажам дека 99% маратон ќе има рече градоначалникот на Општина Охрид, Кирил Пецаков по одржаниот координативен состанок.

За оваа година ќе направиме се што е и што не е во наша моќ да успееме да го организираме Охридскиот маратон. Ја повикуваме и државата, на што добив и веднаш одговор од Агенцијата за млади и спорт. Треба да пристигне директорот и да видиме на кој начин би учествувале тие во организацијата на маратонот. Не можам да сфатам како се доведуваме во ситуација да останеме без маратон, односно да поминеме со едно соопштение дека истиот нема да се одржи поради блокирана сметка, состојба која трае долги години. Што правеле досега? За да поканите пливачи на маратонот потребно е месец дена однапред да се известат и да го потврдат нивното доаѓање. Сега се поставуваме во една временска крајна зона каде незнам колку би добиле позитивни одговори. Поканите се веќе испратени од вчера, сабајлево почнуваме да добиваме одговори, на кои потенцирам дека најбитно прашање е дали ќе има награден фонд бидејќи наназад две три години не им се исплатени наградите, вели Пецаков.

Потенцираше дека Општината заедно со одредени спонзори со кои се во комуникација изминативе 12-13 часа ќе успеат да обезбедат одреден фонд.

Да видиме и Агенцијата за млади и спорт со колку средства ќе може да го поддржи маратонот и да направиме една пристојна финансиска конструкција со која би се одржал. Но, пак ќе потенцирам дека без пливачи настан нема. Тоа е главната и основна борба за која легендите во македонското пливање меѓу нив Томи Стефановски, а секако и Евгениј Поп Ацев ќе побараме личниот свој интегритет и авторитет да го заложат и да ги поканат овие пливачи, се со цел маратонот да се одржи. Од разговорот со охридските пливачки клубови кои всушност се организатори на настанот технички се спремни да го организираат овој настан, а околу финансиите дефинивно се потребни околу 50 000 евра за да изгледа како што треба во ова време кога дојдовме да го организраме по откажување. Оваа година би можеле со толку да организираме и Општина Охрид е спремна сетоа тоа да го понесе, додаде Пецаков.

Кочо Паскали претседател на ПК „Охридски бранови“ истакна дека тие имаат техничка можност да го организираат маратонот, а финансиските проблеми се провлекуваат години нананзад.

Ултра серијата на маратони каде беше и Охридскиот маратон не постои, ФИНА ја прекина, се ориентираа на 10 и 25 км како олимписки дисциплини, што значи дека организирање на Охридскиот маратон остана охридска приказна која треба да си ја направиме ние. Од 1992 година сум во организацијата на маратонот, од возобновувањето, и јас не памтам година да немало проблем поготово во финансискиот дел. Се контактираше со поранешни маратонци две години по ред не е исплатен наградниот фонд кој за секоја година беше по 10.000 евра. ПК „Охридски бранови“, како технички организатор има добиено 7 или 8 плакети од ФИНА за најдобра организација. За една трка од 29-30 пливачи се ангажираат 200 луѓе за кајчиња, старт, патека…. тоа е работа која сака студиозно и сериозно работење. Точната сума за тоа колку се должи кон охридските хотели не се знае, но само кон еден хотел од лани имало долг од 35.000 евра за трка од 10 и 25 километри. Сметката на Федерацијата е блокирана повеќе од 10 години. Правиме напори со Агенцијата за млади и спорт неможеме да добиеме информација. Решението е претседателот на Федерација да излезе и да каже каде се се должи, да се раздолжи. ПК „Охридски бранови“ има свои реквизити за старт, патека, цел, луѓе со кои соработува години за пловни објекти, глисери, судии…. за 24 часа како клуб со ОО Црвен крст Охрид можеме да го организираме технички маратонот. Но, проблем се пливачите и средставата, додава Паскали.

Охридскиот маратон, потенцира Паскали, треба да биде охридска манифестација, да се ангажира градот, клубови и луѓе имаме вели и можеме да го направиме тоа.

Од страна на градоначалникот Пецаков беше потенцирано дека Општина Охрид ќе мора да ги земе работите како главен организатор на настанот од следната година.

Ние секако дека ќе го поканиме Претседателот да биде покровител и наредната година, бидејќи ова е настан од државен интерес, но главната организација ќе гледаме да ја преземеме ние како Општина заедно со Охридските клубови. Оваа изјава за неодржување на Охридскиот маратон ја отвора пандорината кутија во Пливачката федерација пред се и нештата допрва ќе се дознаваат како и што се случувало таму. Најбитно ни е маратонот да почне да го враќа стариот свој сјај кој привлекуваше многу луѓе како од Охрид, така и од Македонија, па и од странство да го следат. Ќе мора да направиме многу работи пред се на организационо ниво, па потоа со фондот и наградите, но и во поглед на серозноста на организацијата, заклучи Пецаков, потенцирајќи дека дополнително ќе бидат соопштени повеќе детали за организацијата на маратонот.

Н.С.Ј.