Граѓаните ја казнаа штетната политика на СДСМ која изгуби 4000 илјади гласови на референдумот, јасен сигнал дека и понатаму ќе се намалува поддршката кај охриѓани, рече на денешната прес конференција советникот и член на Извршен комитет на ВМРО-ДПМНЕ Охрид, Кирил Пецаков.

  • Никој не смее да тргува со сопствената држава и со националните чувства. Охриѓани тоа го препознаа и ја поздравуваме зрелоста и одлуката покажувајќи исклучителна демократска и патриотска свест со тоа што не го поддржаа Договорот со Грција кој е крајно штетен за македонските државни и национални интереси. Резултатите од референдумот во Охрид покажаа дека СДСМ за само една година изгуби речиси 4000 гласови, одосно на референдумот кампањата на СДСМ ја поддржаа 14.401 граѓанин на Охрид, додека пак на локалните избори пред една година за СДСМ во Охрид гласаа 18.262 граѓани. Да бидеме појасни, точно разлика од 3861 глас односно речиси 4000 гласови изгубени за само една година што е јасен сигнал дека ја губат поддршката кај народот, рече Пецаков.

Тој додаде дека довербата кај граѓаните не може да се добие со притисок, закани и уцени и дека охриѓани очекуваат реализирање на ветените проекти на градоначалникот Јован Стојаноски.

  • Довербата кај граѓаните е загубена поради срамниот договор, неисполнетите ветувања, нула реализираните проекти, зголемената цена на водата, покачување на цената на паркингот, неисплатените обештетувања од земјотресите, стопирање на капиталните проекти во инфраструктурата, никакви реформи во образованието, здравството, економијата, културата, туризмот како и во останатите сфери од животот, рече Пецаков.

Според Пецаков, власта го изгубила легитимитетот и единствено преостанува да се почитува волјата на народот.

OhridNews