Охридските ракометари дебитанскиот настап во фајнлфорот од Купот на Македонија го завршија во полуфиналето откако претрпеа пораз од бранителот на трофејот Вардар 29-21.
„Гладијаторите“ ниту во третиот меч со Вардар сезонава не се просрамотија туку го натераа да притисне со сите сили за победа.
– Сите знаеме кој и што значи Вардар во македонскиот и европскиот ракомет. Тешко е да се игра против нив, но и покрај тоа ние дадовме максимум и се надевам дека не ја разочаравме охридската публика. Голем хендикеп за нас беа повредите на одредени играчи и малиот ростер во одлучувачките моменти од мечот. Вистински спортист не може да биде задоволен после пораз, но ние сме горди бидејќи дадовме се од себе. – рече Горан Печенковски.
Задоволен од играта и желбата од своите ракометари беше Горан Андоновски кој изјави. – Педесет минути од натпреварот држевме некоја разлика од три до пет голови, а потоа до израз дојде подолгата клупа и квалитетот секако. Моите играчи буквално изгинаа на теренот и покажаа дека сосема заслужено беа дел од Куп завршницата.
Охриѓани после завршницата од Купот на Македонија ќе имаат ден слободен и со сите мисли ќе се насочат кон дуелот со Металург во плејофот од Супер лигата.
КУП: Охрид го „испоти“ Вардар во полуфиналето
Фото: Емилио
Мх.П.