По повод 8 Септември – Денот на независноста, градоначалникот на Охрид, Кирил Пецаков, упати честитка до граѓаните, потсетувајќи на историското значење на денот кога беше трасиран патот кон слободна, суверена и самостојна држава.
Денешниот ден е потсетник за историската одлука, храброста и визијата на генерациите кои го трасираа патот кон слободна, суверена и самостојна држава. Овој голем празник го носи во себе заветот на нашите претходници, но и одговорноста што сите ние ја имаме кон идните поколенија, истакнува Пецаков.
Во честитката, градоначалникот посочува дека независноста не е само историски чин, туку и секојдневна обврска за градење подобра иднина.
Затоа продолжуваме посветено да работиме на создавање подобри услови за живот на сите нас, поддршка за младите, унапредување на образованието, културата и развој на сите области и потенцијали што ги поседуваат градов и државава. Само единствени, со заемна почит, верба во сопствените сили и јасна визија, можеме да изградиме стабилна и просперитетна заедница, вели Пецаков.
На крајот од честитката, градоначалникот на Охрид упатува порака по повод државниот празник.
Нека ни е честит и вековит 8 Септември – Денот на независноста на нашава татковина! Да славиме уште многу големи јубилеи!













