Под покровителство на Општина Охрид од 16 до 30 август Охрид ќе биде домаќин на Ohrid Water Festival, што годинава се одржува по трет пат. Станува збор за случување кое ги спојува водените спортови, убавата музика и гастрономска понуда од ова поднебје.

Фестивалот започнува на 16-ти август на пладне со Ревијалниот ватреполо турнир што ќе се одржи пред хотел Александрија, а попладнето на Старото пристаниште ќе се одржи Red Вull Педалинка. Наредниот ден на базенот „Атина Бојаџи“ ќе биде пливачкиот митинг, објави денеска градоначалникот на Охрид Кирил Пецаков.

Од 18-ти до 21-ви август на плажата К’ј Дивоно ќе се организира Меѓународниот едриличарски тренинг камп, а на 22-ри и 23 ти август во вечерните часови ќе се одржи Меѓународната едриличараска регата. За 24-ти август се предвидени Спортскиот риболеовен Куп – Хранилка и АКВАЛОН. Наредниот ден кај плажата Куба Либре ќе се одржи Меѓународната охридска веслачка регата, меѓународното штафетно нуркање за мир и СУП јога на вода.

На 26-ти август ќе се одржат СУП 33 километарскиот маратон со старт кај селата Радожда и Љубаништа, а кај градското пристаниште ќе биде настанот „Запознај го едрењето, заштити го езерото“ по што ќе има и промоција на рекреативно нуркање за деца. На 27-ми август ќе биде „Меч рејс Европскиот куп“ по што е предвидено Балканското Јуниорско првенство на отворени води. За наредниот ден се закажани СУП трките на малото пристаниште пред хотел „Палас“. На 29-ти август во Струга ќе се одржи Кајак регата.

Годинешното издание завршува со Охридскиот пливачки маратон на 30-ти август кога познати пливачки имиња ќе ја препливаат патеката Св. Наум- Охрид.

Ohrid Water Festival со своите две претходни изданија ги оправда очекувањата во однос на промоција на потенцијалите на Охридското Езеро и водените спортови во комбинација со културна програма, истакнува градоначалникот на Охрид Кирил Пецаков.

OhridNews