Партијата за европска иднина (ПЕИ), чиј лидер е Фијат Цаноски, објави дека излегува од „Сојузот за иднината“.
Во соопштението на ПЕИ се наведува дека по анализата на резултатите од изборите било заклучено дека е неопходно редефинирање на позициите што на партијата би и донело поголем бенефит во нејзиното политичко делување.
– Почитувајќи ја волјата на членството, водејќи се од заложбите за посилно и поконкретно реализирање на програмските определби на ПЕИ, за унапредување на правата на нашето членство кое е мултиетнично, особено за соодветно вклучување на Торбешите како засебна етничка заедница во системот на институционално делување, одлучивме понатаму да не сме дел од здружената опозиција „Сојуз за иднината“, стои во соопштението на ПЕИ.
Оттаму се наведува дека политичкото делување на партијата ќе биде самостојно и независно од било кој политички блок или партија.
Опозициониот фронт досега броеше 42 пратеника во Собранието на Македонија. ПЕИ во Собранието има три свои пратеници, кои со уште два пратеника од опозицијата делуваа како парламентарна група.
Makfaks












