Актуелниот шампион на Македонија и четвртфиналистот во Лигата на Шампиони, Вардар и петкратниот првак Металург се првите противници на охридскиот ракометен клуб во мечевите за титулата во Супер лигата.
„Гладијаторите“ дебитанскиот настап во плејофот ќе го отворат во „Билјанини Извори“ против Вардар в сабота со почеток од 19 часот.
Четири дена подоцна односно среда на 20 април охриѓани гостуваат во Скопје кај составот предводен од Лино Червар на клупата.
Ракометните возбудувањата ќе кулминираат викендот потоа (23/24 април) кога охридскиот клуб ќе биде домаќин на четвртфиналната група во Купот на Македонија.
Ривали на охридските ракометари за пласман во завршницата од националниот КУП се екипите на Тинекс Пролет, Прилеп и Вардар 2.
По куп мечевите охриѓани на домашен терен го пречекуваат тимот на Макс Струмица, потоа гостуваат во Прилеп, а првата етапа во плејофот ја завршуваат во Скопје против Работнички.
Блок билетот кој чини 300 денари ќе важи за сите домашни мечеви на Охрид во Супер лигата и Купот на Македонија, а ќе се продава до в сабота кога и започнуваат плејоф возбудувањата во „Билјанини Извори“. Поединечен билет за еден меч во плејофот изнесува 100 денари.
Мх.П.