Педесет идеветгодишниот чилеански фудбалски стратег Мануел Пелегрини и
официјално стана во петокот нов менаџер на богатиот англиски
премиерлигаш Манчестер Сити.

Досегашниот тренер на шпанскиот прволигаш Малага кој годинава несреќно
беше елиминиран во четвртфиналето од Лигата на шампионите од подоцна
финалистот Борусија Дортмунд, на клупата на Манчестер сити ќе го замени
Италијанецот Роберто Манчини, кој на крајот од минатата година доби
отказ. Мануел Пелегрини призна дека со челниците на англискиот клуб се
договорил уште на 13-ти мај, по заминувањето на Манчини.

„Клубот има јасна визија и подготвен сум за големи предизвици кои стојат
пред мене. Убеден сум дека можам да одговорам на барањата коишто се
очекуваат“, изјавил Пелегрини, пренесува Reuters.

Пелегрини, чиј прекар е „инженерот“ поради создавањето тимови кои играат
атрактивен фудбал, три години ја водеше Малага со којашто годинава
стигна до изненадувачкиот историски подвиг за клубот во Лигата на
шампионите. Една сезона го водеше славниот Реал Мадрид а пет години
шпанскиот прволигаш Виљареал. Беше тренер и на аргентинската фудбалска
икона Ривер Плата, на познати латиноамерикански екипи како Сан Лоренцо,
Универзитарио Кито и низа помалку познати чилеански клубови.

„Верувам дека направивме вистински потег. Пелегрини е врвен
стручњак,вистински градител. Импресиониран сум од неговата филозофија на
играта, ставот и посветеност ана развојот на фудбалот“, изјави
претседателот на манчестерските „сини“, Калдун ал-Мубарак.

“Макфакс“