Претстојните избори се исклучително важни за иднината на Охрид и државата, а граѓаните многу добро знаат каква одлука да донесат. На 5 мај на вториот круг од претседателските и вонредните локални избори за градоначалник Охрид ќе слави двојна победа, за Константин Георгиески – градоначалник и Стево Пендаровски – претседател. Ова беше истакнато на трибината што се одржа вечерва на централниот плоштад во Охрид, на која говореа кандидатот за претседател поддржан од СДСМ Стево Пендаровски, кандидатот за градоначалник на владејачката партија д-р Константин Георгиески, министерот за надворешни работи Никола Димитров и премиерот Зоран Заев.

Кандидатот за претседател Пендаровски ги повика граѓаните масовно да излезат на избори и да донесат јасна одлука која ќе го дефинира идниот развој на државата, односно ќе изберат претседател кој нема да работи против, туку ќе работи за својата држава.

Само со гласањето за број 3 имаме гаранција дека Груевски нема да се врати во Македонија, освен да отслужи казна затвор. Македонија после 10 години заслужува да има претседател. Осум години немавме претседател, глас не му чувме за се што направија Груевски и фамилијата, а последните две години се направи контра интерсите на народот и државата. После 5-ти со гласањето за број 3 ние, вие, сите, конечно добиваме претседател од кој нема да се срамиме и кој секоја позитивна политика на Владата која не носи кон развиениот свет ќе ја поддржи и ќе ја забрза. – истакна Пендаровски.

Охрид знае да избере, тоа го покажа пред две недели кога извојуваме победа која за малку не беше доволна, но ќе се докажеме со уште поубедлива победа во вториот круг, рече пред охриѓани кандидатот за градоначалник Георгиески. Тој истакна дека локалната самоуправа ќе продолжи по патот кој го зацрта покојниот градоначалник Јован Стојаноски и дека со поддршка на Владата веќе се гледаат конкретни резултати од исклучително значење за градот и идниот развој на општината.

Решаваме проблеми коишто се напластувани со години. Го раздолжуивме Охрид, 495 милиони денари исплативме од долгот на општината, во преговорите заштедивме дополнителни 260 милиони. За само една година враќаме околу 750 милиони денари од вкупниот долг. Го решаваме колекторот кој сега е во надлежност на државата, затоа што Охридското Езеро не е само на охриѓани, туку на сите граѓани на државата и е светско богатство. Ние како град не можеме сами да се грижиме за заштита на езерото и тоа премиерот го препозна и во таа насока остваривме голем успех во заштитата и задржување на статусот на УНЕСКО. – рече Георгиески.

Георгиески најави сериозни инвестиции во образованието, инфраструктурата, заштита на животната средина согласно препораките на УНЕСКО и воведување ред во урбанизацијата. Курсот е поставен и враќање назад нема, додаде Георгиески.

Заедно ќе продолжиме да го градиме Охрид. Ќе ги продолжиме сите проекти кои ни се зацртани и „Абас Емин“ и кејот и “Просветители“ и катни гаражи и сите напредни идеи, ќе продолжиме во друштво на европското семејство каде што припаѓаме, со просперитетен свет. – истакна Георгиески.

Министерот за надворешни работи Никола Димитров истакна дека државата и Охрид не смеат да си дозволат луксуз на претстојните избори и да дозволат враќање на политичките структури кои 11 години ја влечеа земјата наназад и не нудат алтернатива за иднината.

Време е да пораснеме, да нема омраза туку натпревар кој е поспособен, почесен, златни години може да бидат пред нас. НАТО носи сигурност, ЕУ шанси, тоа значи повеќе работа, подобро платена работа, повеќе ред, пристојност во политиката. Да излеземе да кажеме дека сме цврсто решени да го фатиме дизгинот, мора да не биде, оваа шанса оваа генерација ќе ја искористи, па ние не сме ништо помалку од другите народи. – порача Димитров.

Пред нас е важна и историска одлука и една грешка може да не врати децении назад, рече лидерот на СДСМ и премиер Зоран Заев, посочувајќи дека Охрид знае по кој пат се движи земјата.

Вечерта на 4-ти, во предвечерието на изборите, кога ќе падне конечната одлука, ќе си легнете сите, ќе ги затворите очите, замислете барем за момент, помислете длабоко што сакате, која е вистинската одлука, за што мечтаете и како полесно ќе ги исполните вашите мечти, за вас, за вашето семејство, за вашиот и наш Охрид, за вашата Северна Македонија. Замислете и донесете заклучок. Заклучокот мора да ве направи поспокојни, а заклучокот е Константин Георгиески за Охрид и Стево Пендаровски за нашата земја, затоа што разликата е огромна, тој е патот по кој треба да се движиме, затоа што погрешната одлука ќе го врати немирот. – истакна Заев.

Премиерот пред охриѓани рече дека другата страна во кампањата води борба само да се врати на власт и  не нуди никаква алтернатива за иднината и решение за актуелните прашања од клучно значење за државата.

Го критикуваат договорот со Бугарија, Преспанскиот договор, ќе го менувале, што ќе прават какво решение нудат, не кажуваат. Наспроти нив ние донесовме сериозни и храбри одлуки кои ќе ни донесат влез во НАТО и ова лето почеток на преговори за ЕУ. -додаде Заев.

Заев најави дека владата и натаму силно ќе го поддржува Охрид, бидејќи градот и Езерото припаѓаат на сите граѓани во државата. Истакна дека покрај преземањето на колекторот од страна на државата, веќе се обезбедени средства за негова доизградба и ревитализација, која ќе почне на потегот од Канео до Струга и дека владата обезбедила 1 милион евра за изградба на нов кеј во Охрид.

Премиерот рече дека го разбира незадоволството кај граѓаните од одредени процеси во државата што се манифестираше во првиот круг од изборите и дека пораката од власта е сфатена, најавувајќи дека ќе има чистка во владејачките редови, но и во опозицијата.

Има слабости во функционирањето, граѓаните не се задоволни од одредени функционери, прифаќаме, и затоа метла ќе има, и реконструкција ќе има. Тоа не е закана, граѓаните ни кажаа дека некои работи чинат, ама некои не чинат и мора да се променат. Ќе има промени, но ќе има и во опозицијата, чии претставници ги оставивме да работат слободно и непречено во јавната администрација, ги задржаа раководните функции, но за жал еден дел ја злоупотребија добрата волја,  тие не само што опструираат, дури почнаа на крајот на одредени места, а и во Охрид списоци се правеле со имиња ВМРО ќе се вратело, „мало сутра“, ќе заигра метлата и таму. Не крвавевме на 27 април за џабе. Оваа борба беше за вредности и затоа ќе ги засукаме ракавите, прво во јавната администрација, после и натаму, ако сакаме подобар живот, најголем дел зависат од нас. Затоа промени ќе се случат, затоа што ја примивме пораката од граѓаните, но и јас имам порака до нив, излезете на 5 мај на избори и гласајте, оти не е сеедно кој ќе биде градоначалник на Охрид и кој ќе биде претседател на државата. – порача Заев.

Учесниците на трибината одговараа на прашања на граѓаните кои се интересираа за проблеми од секојдневното живеење и функционирање на градот и институциите на системот.

OhridNews