Со апстинирање од избори нема да ги избегнете ефектите од лошото владеење, политиката, лоша или добра, секако ќе влијае врз вашите животи. Затоа е подобро да гласате, во спротивно, некој друг ќе решава и во ваше име. Ова на младите во Македонија им го порача претседателот на државата Стево Пендаровски по повод 15 Септември – Меѓународниот ден на демократијата. Тој упати порака во која ги охрабрува граѓаните, особено младите, да бидат активни и гласни помеѓу изборите и постојано да ги потсетуваат политичарите на нивната привремена улога како функционери и на тоа дека одлучуваат во името на граѓаните.

Според претседателот, голем проблем во развојот на демократијата во светот и кај нас е се помалата партиципација на граѓаните во иницијалниот чин на политичкиот процес – во изборите, но, и нивната незаинтересираност за организиран отпор против недемократско владеење кое може да се случи откако демократски ќе ги избереме нашите претставници.

Меѓутоа, не помалку битно е да бидете гласни и активни и помеѓу изборите. Од секогаш сум бил убеден дека сите ние, политичарите, треба да се плашиме од граѓанскиот активизам. Ние мораме да го слушаме и да го почитуваме граѓанскиот глас кој и не донел на ваква позиција, извесен временски период да одлучуваме за другите. Затоа мојата порака до граѓаните би била – не ни дозволувајте релаксиран мандат! Тоа е единствениот пат до вистинска демократија на која нема да чекаме со векови. – истакна претседателот Пендаровски.

Според мене, не е демократија ако еден човек или група одлучуваат без изборен легитимитет, во името на сите останати. Значи, прва специфика на реалната демократија е – плуралитетот, рече Претседателот

Тоа преведено во политиката, значи еден човек, еден глас, се разбира, зборувам за гласови кои се навистина дадени, а не, кога наместо тебе гласа некој друг или ако си присилен или уценет при гласањето за конкретен кандидат. Во економијата тоа значи парите да се легално стекнати, а трудот да биде реално платен, со други зборови, богатството да не биде резултат на експлоатација или злоупотреба на другите луѓе. – потенцира Пендаровски.

Според Пендаровски демократија е кога државните институции, судовите, полицијата, инспекциите, постапуваат кон претседателот, премиерот, министрите, на ист начин како кон секој друг граѓанин и кога етничката припадност нема да е пречка да луѓето да се вработат и да бидат на било која позиција во својата држава. Но, не е демократија ако освен етничката припадност или освен партиската книшка немате ама ништо друго во вашата биографија, додаде тој.

Г.М.