Претседателот на Република Северна Македонија, Стево Пендаровски денеска во Охрид се обрати на отворањето на дводневниот Безбедносен форум на поранешни студенти/алумни на Маршал Центарот.
Тој истакна дека без сомнение, клучниот стратешки пробив во безбедноста на земјата е поканата за членство во НАТО Додаде дека како идна полноправна членка на Алијансата, силно го поддржува активното учество на земјата во активностите и операциите на НАТО. Нашата цел не е само да бидеме номинална членка на Алијансата, туку да бидеме членка која ќе се грижи и за пошироките безбедносни предизвици и активно ќе ја поддржува глобалната безбедност, истакна Пендаровски. Според него по поканата за членство во Алијансата, земјата влезе во помирни води, иако постојат безбедносни предизвици.
Тероризмот, верскиот екстремизам, нелегалната миграција, сајбер нападите, а особено хибридните војни, нема да исчезнат. Свесни сме дека најефикасниот начин за справување со таканаречените нетрадиционални безбедносни закани кои се наоѓаат високо на агендата на НАТО, сега се и на нашата агенда, ние мораме заеднички да се соочиме со нив заедно. Сите страни може да имаат само корист од нивниот придонес кон заедничките напори на Алијансата преку размена на информации и преку здружување на ресурсите на сите земји членки и на земјите партнери. Мојата земја беше цел на штетното влијание од трети страни кои сакаа да ја попречат волјата на граѓаните и да го спречат формирањето на демократска влада. Овие хибридни закани и малигни влијанија ќе продолжат да бидат тука со нас. Затоа е потребно здружено, заеднички да им се спротивставиме. Мојата земја ќе биде посветена на западните вредности и уверувања и немам никаков сомнеж дека на крајот на тој пат зеднички и ќе победиме.- рече Пендаровски.

Апсолутно сум свесен за предизвиците со кои се соочува Европската унија, како и за дебатите за проширување во Унијата кои во моментов се одвиваат во Европа, и со право сè уште се одвиваат и ќе се одвиваат. Меѓутоа мора да сме свесни и тука и во Брисел да се свесни дека регионот мора да има европска перспектива. Знам дека шансите за европска иднина ги има и помагаат на демократските сили во сите регионални земји и влијаат на нивниот општ напредок и без сомнение ја зајакнуваат целокупната соработка меѓу нас, што во конечен став се резултира со зголемување на вкупната безбедност во регионот. Се разбира јасно ми е дека многу зависи од нас и од нашите резултати како земја во однос на реформите, владеењето на правото и борбата против корупцијата, а за овие прашања неодамна многу јасно го кажав својот став во повеќе прилики. Сепак, исто така мора да дадеме надеж и за перспективите на регионот, а тоа апсолутно не е можно ако ја немаме пред себе јасно европската цел. – истакна Пендаровски.


Од неодамна, слушаме различни опции за можните решенија за преостанатите Балкански отворени прашања, како на пример во случајот меѓу Косово и Србија. Како претседател, силно ги поддржувам напорите за изнаоѓање одржливи решенија на регионалните прашања. Меѓутоа сакам посебно да нагласам дека е исклучително важно да се изнајдат решенија кои ќе произведат поголема регионална стабилност, наместо да отвораат нови проблеми. Треба да внимаваме новите иницијативи за решавање на проблемите на Балканот да влијаат позитивно на соработката меѓу државите, и истовремено да проектираат и меѓудржавна и внатредржавна стабилност. – рече Пендаровски.
OhridNews












