Претседателскиот кандидат од редовите на СДСМ денеска во просториите на централниот штаб на партијата одржа прес – конференција на која им се заблагодари на сите граѓани кои го дале својот глас за поддршка на неговата програма и истакна дека изборната трка за претседател на државата и нов парламентарен состав се одвивала во „крајно недемократски амбиент, со голем број нерегуларности, притисоци и закани“, пренесува „Макфакс“.

„Целосно стојам зад квалификациите на изборниот процес кои вчера ги кажа претседателот на СДСМ, Зоран Заев, да имаше демократија разликата на овие избори ќе беше најмалку 100 до 150 илјади гласови во моја корист“, истакна Пендаровски.

Тој нагласи дека со вака поставени работи никој во државата нема да може да го симне актуелниот владин состав од власта и упати повик до меѓународната заедница наместо кај опозицијата почесто да биде присутна кај оние кои го креираа проблемот.

Пендаровски истакна дека тој останувам на страната на опозицијата за да го бранам концептот во кој верува, а тоа, како што рече, е концептот за „слободна Македонија“.

Според Пендаровски. вината не е во граѓаните кои го дале својот глас за ВМРО-ДПМНЕ бидејќи тие, како што истакна, биле доведени во ситуација да „тргуваат со својот глас за да можат да преживеат“ по изборите.

Спасовски: Криминалниот изборен процес срам за Македонија

„Достоинственото застанување во одбрана на неопходните промени за државата е силна порака дека борбата продолжува и откажување нема, сé додека не се оствари мнозинската волја за демократска и европска Република Македонија“, истакна на прес-конференција генералниот секретар на СДСМ, Оливер Спасовски.

Тој додаде дека во СДСМ го знаат вистинското расположение на граѓаните, но тоа, според него, не нашло одраз во гласачките кутии.

„Криминалниот изборен процес што го спроведе Никола Груевски и неговата власт не го признаваме. Инсистираме на формирање техничка влада којашто ќе спроведе фер избори, каде ќе биде рефлектирана реалната волја на граѓаните на Република Македонија“, истакна Спасовски.


Од СДСМ изборниот ден го оценија како „срам за Република Македонија“ со резултати кои, според нив, „ќе предизвикаат огромни штети“ по демократијата и цивилизациските придобивки на земјата.

„Се надеваме дека меѓународната заедница и земјите пријатели на нашата држава со најголема сериозност ќе ги разгледаат сите случувања во Македонија пред и за време на изборниот процес и со директни зборови ќе ги оценат состојбите во Македонија со што ќе направат придонес кон поддршка на граѓаните на оваа земја во исцрпувачката битка за демократија и слобода“, порача Спасовски.

OhridNews
извор:„Макфакс“