Околу 286 илјади пензионери од денеска на нивните сметки ќе добиваат пензија која е зголемена за 550 денари линеарно за секој пензионер.

Вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески изјави дека зголемувањето на пензиите е целосно вклопено во проекциите на Буџетот за 2013 година и оти пензионерите можат да бидат спокојни дека секој месец ќе ги добиваат навреме пензиите покачени за 550 денари. 

– На тој начин директно го помагаме животниот стандард на пензионерите. Секако, средствата никогаш не се доволно, но секое зголемување во вакви тешки времиња значи многу. Ние тоа го ветивме и го реализиравме, изјави вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески по денешната средба во Сојузот на здруженија на пензионери.

Најави дека Владата ќе продолжи со политиките за зголемување на пензиите и оти во 2014 и 2015 година се планирани нови покачувања доколку општите економски услови го дозволат тоа.

Пензионерите изразија задоволство од реализираното ветување на Владата. Сметаат дека со ова ќе се подобри нивниот животен стандард.

Покрај зголемувањето на пензиите, од денеска за пет проценти е покачена и социјалната помош.

OhridNews