„Мудроста на постарите и младоста на децата да се сплотат во меѓусебна љубов,почит и соработка“ е главното мото на меѓугенерациската средба која се одржа вчера во охридското основното училиште ,,Христо Узунов“.

Оваа традиционална средба има за цел да ги зближи пензионерите со учениците, како и со нивните родители и наставници, со што се премостува големиот генерациски јаз меѓу најмладите и највозрасните.

Од името на Локалната самоуправа меѓугенерациската средба ја поздрави заменик-градоначалникот на Охрид Ангел Јанев, по што свое обраќање имаа претседателот на Здружението на пензионерите од Охрид и Дебрца Ѓорѓи Трпчески, директорот на О.У ,,Христо Узунов“ м-р Тони Симоновски и претседателот на Месниот огранок на пензионерите на Горна Влашка Маала Слободан Пупиноски.

Меѓугенерациската средба на пензионерите и учениците, беше збогатена со богата културно уметничка програма која ја подготвија учениците и пензионерите.

Во рамки на средбата беше одржана и дебата на темите како се стигнува до пензионер, каков е стандардот на пензионерите, а се зборуваше и за односот на пензионерите со децата и младите во семејството.

OhridNews