Еден од најдобрите кошаркари во македонската историја Перо Антиќ планира на спектакуларен начин со натпревар во Скопје на кој ќе учествуваат кошаркари од НБА лигата и Евролигата да се збогува со кошарката.

Антиќ го потврди учеството на Ал Хорфорд со кој заедно играше во Атланта и звездата во подем Лука Дончиќ. – Не можам да откријам детали повеќе но можам да кажам дека тие ќе дојдат и ќе бидат дел од настанот.

Антиќ оваа сезона нема ангажман, а минатата го носеше дресот на белградската Црвена Ѕвезда. Тој во интервју за радио станицата „Антена 5“ изјави дека одбил понуди да се врати во кошарката.

  • Пред неколку седмици не прифатив понуда од Армани Џинс Милано, бидејќи во овој момент мислите ми се насочени на друго место. Што се однесува до македонските клубови, од МЗТ Скопје никогаш не сум добил понуда, а некои ми велат дека играчката кариера треба да се заврши од таму каде се почна. Јас се согласувам со тоа, но засега не можам ништо конкретно да кажам. – изјави кошаркарот.

Антиќ во текот на кариерата освои три титули во Евролигата, а имаше и успешна авантура во НБА лигата носејќи го дресот на Атланта. Антиќ како капитен беше предводник на македонската кошаркарска репрезентација во историскиот пласман помеѓу ТОП 4 на Европското првенство во Литванија.

OhridNews