Во текот на летото, охриѓани се соочуваат со низа проблеми кои се поврзани со безбедноста на пешаците во сообраќајот. Голем дел од нашите сограѓани, како недостатоци ги наведуваат несоодветно паркираните возила на тротоарите, недоволната хоризонтална и вертикална сигнализација на одредени локации, како и оштетените успорувачи на брзина во периферните делови на градот.


Според нашите сограѓани, најголем проблем за пешаците претставуваат „окупираните“ тротоари од несовесните управувачи на моторни возила, со што безбедноста во сообраќајот се сведува на многу ниско ниво.

Безбедноста на охридските улици е на многу ниско ниво. Поради несовесните возачи кои своите возила ги паркираат на тротоарите, принудени сме да се движиме на улица, која е доста фрекфентна во летниот период. Како мајка на едногодишно дете, апелирам до надлежните да направат поголема контрола и да вметнат поригорозни казни за несовесните граѓани. Мислам дека сите родители кои имаат мали деца се со заеднички став. Нема смисла со колички да шетаме по улица, а колите да се паркирани на тротоар.“ – вели наша сограѓанка.


Со сличен став се и граѓаните кои секојдневно поминуваат на улицата „Мите Богоески“. Иако на овој потег поставен е соодветен сообраќаен знак со кој се забранува паркирање на оваа локација, поголемиот дел од тротоарот кај економското училиште е буквално окупиран од возила во текот на целиот ден.

Ова нема никаква смисла. Улицата не е доволно широка, а кога се разминуваат возила пешаците се доведуваат во опасност бидејќи тротоарите се зафатени од автомобилите.“ – вели 30 годишен охриѓанец.


Покрај овие проблеми, охриѓани негодуваат на несоодветната хоризонтална и вертикална сигнализација на повеќе места во градот. Жителите од „Сирма Војвода“ велат дека веќе година дена, на пресекот со улицата „Дејан Војвода“ не постои соодветен сообраќаен знак, со кој ќе се регулира првенството на поминување.

Неколку пати преку медиумите апелиравме да се постави знакот, но се уште ништо од надлежните. Пред повеќе од месец дена, се ширеа гласини дека со асфалтирањето на овие улици ќе биде поставена хоризонтална и вертикална сигнализација. Доколку се случи незгода, кој ќе биде виновен? Оваа локација претставува една од најопасните крстосници во Охрид. Посебно во летниот период, кога возачите кои не се од градот, не знаат кој има, а кој нема предност.“ – вели жител од улицата „Сирма Војвода“.


Некои потенцираат дека потребно е поставување соодветна хоризонтална сигнализација на улицата „Галичица“, откако со новиот режим оваа „делница“ повторна е наменета за двонасочен сообраќај.

Рекоа дека во скоро време ќе биде поставена сигнализацијата, а тоа беше пред повеќе од два месеци. Се уште ни трага ни глас. Исто така, потребна е санација на успорувачот на брзина на оваа улица, кој често пати е мета на одредени наши сограѓани.“ – вели жител од улицата „Галичица“.


Како недостатоци се наведуваат и преместувањето на одредени контејнери за отпадоци на самите тротоари, со што движењето на пешаците станува ограничено. Дали надлежните ќе реагираат соодветно и ќе им излезат во пресрет на охриѓани, ќе покаже времето.

O.T.