Повеќе од дваесет години трае нашата голгота низ лавиринтите на правосудниот систем и се уште чекаме да се реши случајот со имотите на нашите предци, одземен со национализација во педесеттите години. За тоа време се менуваат разни фирми и моќници кои печалат на нашите имоти, нелегално градат, узурпираат, уништуваат. Ова денеска на прес конференција го изјави Ѓорѓи Танески од Пештани, инаку претседател на здружениото на граѓани со национализирани имоти во Градиште.

  • До каде ќе одат овие узурпации на плажите не знаеме. Бараме власта итно да реагира и да го реши овој случај еднаш за секогаш. Го повикуваме јавниот правобранител да го стопира градењето во Градиште, да престанат сите активности, да се руши и ресторанот кој е дивоизграден пред година и половина. Дополнително бараме да престане и стопанисувањето со автокампот Градиште. Јасен е законот за денационализација, се додека не се решат нашите барања од 150 семејства од село Пештани, треба да се стопира градење и стопанисување со автокампот. Некој прави профит на наш имот, а ние гледаме и седиме со празни раце, револтирано вели Танески.

Членовите на здружението потенцираат дека низ годините постојано добивале ветувања дека случајот ќе се реши, но до сега нема разврска.

  • Пред две години Заев кажа ќе се реши проблемот, но уште ништо, не се решава, туку уште и се гради. Се обративме и кај градоначалникот, кажа дека ќе се реши случајот и сеуште ништо, вели Јован Милески, сопственик на имот во Градиште.
  • Јас сум еден од постарите сопственици на имот во Градиште од 16.000 квадрати, на кој сме сопственици пет семејства. За овие имоти не сме зеле никаква надокнада. Се чувствуваме изиграно и од минатите и од сегашните власти, вели Наум Цаноски

Сопствениците на имоти се жалат дека добивале и закани од сопственици, на како што велат, нелегално изградените објекти во Градиште. Потенцираат дека бараат спроведување на денационализацијата на нивните имоти, но не со повторна национализација.

  • Некој што не е корумпиран, да смогне сили и да ни објасне зошто до сега не се вратени имотите и ништо не е преземено за да се реши случајот, дали со обесштетување или со враќање на имотот. Но, ако обесштетуваат да не биде нова национализација со смешни 270 денари за квадрат. Јасни се проценките, околу 220 евра за квадрат. Нека објаснат зошто до сега нема ниту една кривична пријава, бидејќи овде се е нелегално: ресторанот, тврдите градби, објекти низ кампот и апсурдот да е поголем ние како сопственици кога идаме овде плаќаме за да ја користиме плажата години наназад. Добивме и закани од сопственик на нелегално изграден објект дека уште еднаш нема да влеземе во кампот, вели Томислав Танески.

Сопствениците на имоти во Градиште најавуваат дека доколку не се исполнат нивните барања повторно ќе започнат со блокади и поригорозни мерки.

OhridNews