Жител од охридското село Пештани своето возило Југо 45 купено во 1990 година ќе го преплати неколкукратно. Возилото чија вредност на денот на купување изнесувала 5300 тогашни марки, или околу 2700 евра, поради недоразбирања поради кои се покренале повеќе судски процеси пештанецот Крсте Нунески сега ќе го чини 8300 евра.

Како што раскажува Крсте во 1990 година 36 вработени во некогашна „Алатница“, меѓу кои бил и тој, извршиле заедничка набавка на возила од марката Југо 45. За тоа секој месец издвојувале дел од платата. Се течело добро извесен период, ратите редовно се плаќале, возилата едно по едно пристигнувале и така до 14, меѓу кои и неговото „Југо“. Но тогаш почнал распадот на Југославија, а со тоа и доцнењето на плати и економска нестабилност. Поради страв дека возилата не ќе можат да се исплатат и да се испорачаат на сите вработени, дел од нив покренале постапка за прекин на заедничката набавка и побарале да им бидат вратени вложените средства во 14-те возила кои веќе биле испорачани.

Случајот  набрзо стигнал пред Основниот суд во Охрид, од каде на инволвираните им била предложена спогодба помеѓу лицата кои добиле возила и останатите. Тоа го прифатиле петмина на кои им биле испорачани југовците и седуммина кои се откажале од понатамошната испорака. Меѓу нив бил и Крсте, кој како што вели партиципирал со петтина во обештетувањето во висина од 15.000 тогашни марки, за што поседува и судско решение дека се ослободува од натамошни обврски.

-Но другите вработени инволвирани во случајот кои меѓусебно не се договорија за обештетување го обжалија случајот до Апелација, која предметот го врати во охридскиот суд, кој пак го уважи нашето обештетување кон седуммина вработени, но ни наложи да партиципираме дополнително во обештетување и на останатите лица кои се откажаа од набавка на авотомобил-вели Крсте Нунески.

Од тогаш почнал долгогодишен судски процес кој завршил во 1999 година со одлука Крсте и другите колеги кои веќе обештетиле дел од лицата кои не добиле возила да преземат дел од товарот во обештетувањето и на другите лица кои се откажале од возилата. По низа неуспешни жалбени постапки, и натрупани камати, цената на југото на Крсте од 2700 нараснала на 8300 евра.

-Само судот во Охрид знае како едно Југо може да чини 8300 евра, вели резигнирано Крсте, кој секој момент очекува извршители да се појават на неговата врата. Свесен е дека сето ова е сплет на разни околности, но истовремено и разчоран од правниот систем. Не работи одамна, па најверојатно пензијата која ја очекува наскоро ќе ја добива со дебел минус заради исплата на обврските од судската одлука, поради која му преседнало југото кое, како што рече, стои долги години паркирано во неговиот двор, а тој ниту го вози ниту сака да го гледа.

OhridNews