Охридското село Пештани и струшките села Корошишта, Франгово, Ливада и Делогожди за околу два месеца ќе добијат аптеки или аптекарски станици. Ова се должи на одлуката на Министерството за здравство за отворање на 66 аптеки во руралните средини.
-На овој начин ќе се зголеми достапноста од потребните лекови и ќе се олесни процесот на набавка на лекови, а со тоа и ќе овозможи намалување на дополнителните трошоци за нивна набавка. За отворање аптеки во овие рурални средини ќе бидат задолжени приватни здравствени установи – аптеки, кои имаат две или повеќе аптеки во иста општина или пет или повеќе на ниво на државата. Доколку аптеките, односно фирмите во предвидениот рок не ги отворат аптекарските станици, ќе им бидат одземани лиценците за работа, информираат од Министерството за здравство.
Услов за отворање на аптекарска станица е да се обезбеди простор согласно правилникот за простор, опрема и кадар, посебна просторија за чување лекови и посебна опрема за чување наркотични средства, ладилник, како и читач за електронска картичка за секој шалтер на кој се издаваат лековите.
OhridNews