Пештанци со заеднички став дека ваков јули оддамна не се памети, потенцирајќи дека без гостите од западноевропските земји, сезоната буквално би доживеала целосен колапс.
„Секоја година е се послабо и послабо. Во текот јули, капацитетите беа половично полни или делумно празни. Ако не беа Полјаците, Чесите, Холанѓаните и Германците, Пештани ќе беше буквално празно. Очекуваме капацитетите да се наполнат уште овој викенд за празникот и толку. Домашните туристи оваа година изостанаа, а од соседството како викенд-гости доаѓаат само Бугарите.“ – вели Петар Пециоски.
Дека оваа година е зголемен бројот само на странските туристи, потврдува Христијан Башоски, кој вели дека иако се чувствува недостаток на гостите од земјава, нивното приватно сместување бележи пораст на гости од Холандија.
„Претежно работиме со Холанѓани, кои ова лето кај нас ги има повеќе за околу 20 проценти. Иако со домашни туристи не работиме, се чувствува нивното отсуство во целото село. Мислам дека временските прилики се еден од клучните фактори за доаѓањето на гостите од Македонија, а во секој случај потребна е промоција вон границите на земјава, зависно за кој пазар и за какви туристи се работи.“ – вели Башоски.
Жителите од ова крајбрежно село велат дека за привлекување на туристи од земјава и соседството потребна е соодветен маркетинг, но и решавање на долгогодишните проблеми со кои секојдневно се соочуваат пештанци.
„Туризмот си бара љубезност. За да тој е успешен, потребен е голем маркетинг и ставање на вистински лица на позициите врзани со оваа дејност. Оваа година, се жалат на цените на услугите, но јас се прашувам од каде точно доаѓаат тие газди на шанкови и кафетерии, кои со сигурност не се од Охрид. Истите тие луѓе ги диктираат цените, а потоа во медиумите се зборува дека кај нас било скапо. Некои велат дека сместувањето е скапо, но математиката и фактите говорат дека трошоците се премногу високи. Сметки за електрична енергија, за вода, туристичка такса, трошоци за прашок и останати работи. Расходот е висок и не останува буквално ништо.“ – истакнува Пециоски.
Тој додава дека потребно е надлежните инспекциски служби во координација со полицијата да излезат на терен и да го решат најгорливиот проблем во Пештани со дивите издавачи на соби.
„Кога тој проблем ќе се реши, туризмот сигурно ќе добие еден нов импулс. Полицијата, надлежните и санитарната инспекција треба да излезат на терен и да направат засилени контроли. До кога ќе биде вака, никој не знае. Ние фамилијарно се занимаваме со туризам со децении, но за жал во моментов инвестицијата не се повраќа.“ – додава Пециоски.
Меѓу недостатоците кои наведуваат жителите на Пештани се и несоодветното фунцкионирање на електронскиот систем за пријавување на туристи, затворањето на полициската станица, неуреденоста на плажите, неосветленоста во вечерните часови, нерегистрирани чамци и ниското ниво на хигиена.
„Туристите ги регистрираме преку интернет, но оттаму ни велат да дојдеме да ја подигнеме потврдата. Тоа значи пат до Охрид и назад, што всушност претставува трошок повеќе. Навистина не гледам разлика помеѓу електронското пријавување и она од порано, бидејќи повторно е се по старо. Бараме еден пункт во полициската станица во Пештани, кој ќе биде со оваа намена. Слабости има доста, немаме соодветни плажи, немаме кеј, плоштадот е ист како од порано. Хигиената е на ниско ниво, па нормално дека гостите не доаѓаат. Нема некаква промена, а Пештани тоне ли тоне. Луѓето веќе немаат финансиски средства, а тешко на сите чија егзистенција зависи од сезоната.“ – потенцира Пециоски.
Некои велат дека во вечерните часови бучавата предизвикна од „трките“ со моторни возила е неподнослива, а други истакнуваат дека дел од угоситителските објекти не го почитуваат работното време.
„Имаме проблем со бучавата која доаѓа од некои кафетерии и барови кои работат долго во ноќта. Сето ова, предизвикува да дојдеме на многу ниско ниво.“ – истакнува Кети Куљан.
Дали надлежните ќе имаат слух за сите овие апели од жителите на селото Пештани, ќе покаже времето.