Малубројни домашни туристи, слободен паркинг простор, слаба посетеност на плажите и мала исполнетост на приватните сместувачки капацитети е сликата во крајбрежното рибарско село Пештани.
Иако со манифестацијата „Бело утро“ официјално беше означен почетокот на летната туристичка сезона, сепак сликата од минатите години се повторува.
„Без гостите од западноевропските земји, кои престојуваат во неколку приватни објекти во Пештани, сезоната би доживеала вистински колапс. Ова не е нешто ново, со оглед на тоа што истото се случуваше и ланската година.“ – велат дел од сопствениците на приватните сместувачки капацитети во крајбрежното село Пештани.
Многумина се надеваат дека сместувачките капацитети евентуално ќе ги видат полни кон крајот на овој месец и почетокот на август. Како што велат пештанци, повторно во одредени медиуми низ земјава, градот и негавата околина се прикажува како скапа туристичка дестинација.
„Но тоа се само неколку денови, кога и можеме да очекуваме гости од соседните земји, како и домашни туристи. Иако Пештани оваа година доби еден нов лик, сепак сметаме дека се прави маркетинг и анти-реклама за Охрид преку низа медиуми, кои објавуваат високи цени на услугите. Но дали некој воопшто се запрашал од кои градови доаѓаат тие газди на кафулиња и шанкови, кои се наоѓаат покрај самото езеро и ги диктираат цените да бидат такви какви што се.“ – велат пештанци.
Жителите од ова крајбрежно село сметаат дека за привлекување на туристи од земјава и соседството потребна е соодветен маркетинг.
Деновиве селото Пештани доби нов, модерен, партерно и хортикултурно уреден кеј, кој се протега на потегот од рибниот ресторан до објектот на поранешната полициска станица. Градежните активности започнаа пред нецел месец, со изградба на потпорниот ѕид кој со сопствени средства го финансираше локалната самоуправа. Следуваше изградба на пешачка патека, поставување водоводен систем за наводнување на цвеќињата, нови ивичници и столбчиња со кои ќе се овозможи безбедно движење на жителите и туристите.
O.T.