Дирекцијата за заштита и спасување вчера интервенираше со изградба на насип кој треба да го спречи натамошмото поткопување на патот. Пештанци се револтирани на властите и на министерот Јанакиески кој пред само два дена ги уверуваше дека не постои опасност по патот Охрид Св. Наум.
– Ова е срамота што се случува тука. Оставени сме сами на себе. Не не интересираат партии ни политика и бидејќи сме незаштитени ќе формираме Кризен штаб за спас на Пештани, рече Иван Локоски, жител на Пештани.
Силниот бран буквално го јаде брегот оштетувајќи електрични и телефонски кабли, а благодарение на малиот потпорен ѕид изграден пред околу 3 години не дојде до поголеми оштетувања. За да се спречат несакани последици ќе се изгради насип и нов потпорен ѕид, но пештанци стравуваат дека опасноста со тоа нема да заврши.
– Ние имаме мака со високите води во април – мај, но сега е февруари, што ли ќе биде на пролет, гласно размислуваше постар жител на Пештани.
Сандре Нечоски, претседател на Месната заедница побара итна реакција на надлежните институции за да се заштити селото. „Водата во подрумите не се намалува туку расте, потребно е нешто да се направи и тоа веднаш, рече Нечоски.
Нивото на Охридското Езеро вчера порасна за еден сантиметар и се искачи на 693,90 метри надморска височина, односно петнаесет сантиметри над утврдениот максимум. Метеоролозите и за оваа недела најавија врнежи од дожд и топење на снегот поради што постои опасност од покачување на нивото на иоанака високите водотеци.