Најавата дека на атрактивниот простор кај авто кампот Градиште ќе се формира Туристичка развојна зона, ги изненади жителите од Пештани кои со години водат спор со државата за враќање на нивните имоти во Градиште, кои се наоѓаат токму на местото каде е предвидено да се гради комплексот. Тие сметаат дека конечно се откриени вистинските причини зошто до сега не им се вратени имотите и дека зад проектот всушност се кријат интереси на поединци, додавајќи дека немаат намера да се откажат од својата земја и постапката ќе ја тераат до крај. Повеќе семејства се уште водат управни постапки, а очекувањата се дека споровите ќе завршат со позитивен исход за нив. Доколку не им бидат вратени имотите, тие најавија дека ќе преземат радикални мерки.
Како што веќе објавивме во Градиште на брегот на Охридското Езеро се планира да се градат хотелски капацитети на пет ката на површина од над 57.000 метри квадратни. Според Нацрт-извештајот за стратегиска оценка врз животната средина за урбанистичко-планска документација, објавен на 26-ти овој месец на веб-страницата на Министерството за транспорт и врски, вкупната површина на целата градежна парцела предвидена за изградба на Туристичко развојна зона изнесува 114.156,35 метри квадратни.
Извештајот не ги анализира детално предвидените содржини, но согласно закон тоа ќе биде направено во следната фаза од проектот со Студијата за оцена на влијание врз животната средина. Во зависност од ризикот и негативните влијанија врз животната средина што треба да ги утврди студијата ќе бидат дадени препораки за реализација на овој проект. Во извештајот се наведува дека постојат нерешени имотно правни прашања.
Градиште, Љубанишко поле и Студенчишкото блато се најатриктивните неизградени простори на брегот на Охридското Езеро. На сите три места државата сака да формира туристички развојни зони, со што се отвора простор за нивна урбанизација.
Г.М.