Покрај флората и фауната, Националниот парк Галичица изобилува со голем број атрактивни места кои треба да се посетат. Една од нив е пештерата Саматска дупка која, како што потенцираат туристичките водичи и добрите познавачи на убавините со кои располага Галичица, за кратко време ќе стане една од најатрактивните туристички локации.


– Голем број од гостите кои престојуваат во Охрид покажуваат интерес да ја посетат Галичица. Тие се воодушевени од природните убавини на Националниот парк. Многу често коментираат дека треба повеќе да се промовира она што може да се види таму. Кога се искачуваме на Галичица, неизоставно е да се посетат некои од пештерите, меѓу кои и Саматска дупка, велат тие.


На Галичица има над десет пештери. Пештерата Саматска Дупка, се наоѓа на источната страна на долината Студино со должина на главниот канал од 279 м, а заедно со споредните канали, вкупнато 301 м. Пештерата, не само по своите содржини, туку и по преостанатите природни карактеристики ги надминува другите пештери на Галичица. Пештерата е широка 6 м, а височината на таванот е од 2-10 м. Во неа се застапени украсите “салви”, “драперии” и пештерски бисери.

Саматска Дупка во основа претставува фосилна речна пештера, од која истекувал подземен воден тек. По целата должина на дното е присутен акумулиран наносен материјал, додека во поедини делови се изградени мошне интересни пештерски украси. Во 1989 г се извршени прелиминарни палеонтолошки истражувања и постојат индиции дека може да се наиде на фосилна фауна,  за кој има интересирање да се истражи.

OhridNews