Пет дена ќе траат свеченостите по повод 8-ми декември, денот на заштитникот на Охрид Свети Климент Охридски.

Свечената програма ќе започне на 4-ти декември во четврток во 18 часот со Изложбата  на  изработки  од  учениците  на  ОУ  „Св. Климент Охридски“ по што ќе следува и Свечена  приредба  по  повод  патрониот  празник  на ова училиште. Двата настани ќе се одржат во Центарот за култура „Григор Прличев“.

Во петок на 5-ти декември во 9 часот и 30 минути на кејот „Македонија“ ќе се одржи Атлетски крос под мотото „Во здраво тело – здрав дух “. Истиот ден со почеток во 18 часот, во библиотеката „Григор Прличев“ ќе има промоција на книгата „Златна лира“ од Пандора Јовановска- Илиевска. Во 19 часот во Центар за култура „Григор Прличев“ ќе биде отворена изложба на ликовни творби на учениците од гимназијата „Св. Климент Охридски“ и ќе се одржи промоција на „Збирка задачи во С++“ – Проект изработен од ученичката Исидора Јанева и професорката Жаклина Лазаревска. Во 20 часот во големата сала на Центарот за култура ќе започне свечената програма по повод патрониот  празник на гимназијата.

Во сабота на 6-ти декември во 19 часот во „Куќата на Уранија“ ќе биде отворена изложба на фотографии од членови на Facebook групата „Охрид- слики од минатото“.

На 7-ми декември во недела во 11 часот  во Центарот  за  култура „Григор  Прличев“ ќе има промоција на книгата „Охридски вистини – случки, приказни и факти од минатото“ од Илче Стојаноски, а во 12 часот на градскиот плоштад ќе започне културно-уметничкито хепенинг „Децата за Свети Климент“. Истиот ден во 19 часот и 30 минути во музејот на Робевци во Охрид ќе се одржи  традиционална изложба на Фото- клубот „Охрид“ на тема: „Улична фотографија “, црно-бела техника, а во 20 часот на охридскиот плоштад е закажано дефилето „Сите кон Свети  Климента“.

На 8-ми декември во понделник во 9 часот и 30 минути ќе се одржи поклонение пред моштите на Св. Климент Охридски на Плаошник. Во 10 часот и 30 минути ќе има полагање свежо цвеќе на споменикот на Св. Климент Охридски во ОУ„Св. Климент Охридски“. Во 11 часот и 15 минути во Центарот за култура „Григор Прличев“ ќе биде отворена Изложбата на отпечатоци на уметнички  дела  од  австралиски уметници „Богатството  на  духот“ во организација на Амбасадата на Австралија во Белград, а во 12 часот ќе има полагање свежо цвеќе на споменикот на Св. Климент Охридски на Градски плоштад.

Истиот ден во 19 часот во галеријата на центарот за култура е биде отворена изложба на дела од роднокрајни ликовни уметници, а во 19 часот и 30 минути во големата сала на центарот за култура ќе се одржи Свечената академија – во  чест на Св. Климент Охридски- заштитникот на Охрид.

OhridNews