Парична казна во висина од 5.000 евра изрече денеска Струшкиот основен суд за поранешниот градоначалник на Општина Струга Рамис Мерко за незаконско поставување спомен обележје – плоча на влезот на општинската зграда.

Судот, како што истакна на денешното рочиште судечкиот судија Јордан Јованов, оцени дека постои одговорност кај обвинетиот за кривичното дело што му се става на товар.
Иако, како што посочи, не дошло до никаков конфликт или ескалација за она што го претставувала плочата, во член којшто е извлечен, не од Кривичниот законик, туку од Законот за меморијални споменици и спомен-обележја, е предвидено дека со самото тоа што некој ќе подигне такво спомен-обележје или меморијално бележје е извршено делото и не е задолжително да постои последица.
Во конкретниот случај паричната казна изнесува 100 дневни глоби, со висина на дневната глоба од 50 евра, односно 5.000 евра во денарска противвредност, истакна Јованов.
Мерко пак во завршните зборови пред судот кажа дека нема никаква врска со поставување плоча на зградата на Општина Струга, туку дека за тоа се изјасниле од Здружението на пензионери албанци кои, според него, признале дека тие ја поставиле истата на денот кога секоја година држеле академија за албанската азбука. За плочата кажа дека дознал од државни инспектори за култура кои и изрекле казна на Општината со забелешка дека ако се исплати казната од Општината ќе бидат ослободени пензионерите и ќе се затвори предметот.
Во Основниот суд во Струга денеска почна расправата во врска со обвинението за склучен договор за осветлување на дел од речното корито на Црн Дрим, без водостопанска согласност од Министерството за животна средина и просторно планирање. Беа сослушани двајца сведоци, а третиот ќе биде сослушан на рочиштето закажано на 25 ноември.
OhridNews











