Околу 50 лица од Украина веќе се регистрирани во Црвениот крст на град Скопје и Општинските организации кои дејствуваат низ земјата велат од Црвен крст на РС Македонија. Подготвени се наменски прашалници за проценка на потребите на лицата, како и регистерски картони преку кои ќе се евидентира помошта. Додаваат дека Црвениот крст ги поддржува овие лица со храна, хигиенски средства, облека, чевли и согласно проценката пристапот е индивидуален, но постои организиран систем за поддршка во делот Прва психо-социјална помош и служба барање.

Во Црвен крст Охрид досега се регистрирани едно семејство од двајца возрасни (жител на Македонија и жител на Украина) со две деца, како и едно лице од Украина, велат од ОО Црвен крст Охрид.

Активностите за донација со телефонски броеви и сметка за донации ги координира Националното друштво на Црвен крст на РСМ кои што се јавно објавени во вид на апел до сите физички и правни лица кои можат да помогнат со донирање на финансиски средства, додаваат од ОО Црвен крст Охрид.

Поради сложеноста на ситуацијата во Украина и неможноста да се дистрибуираат материјални добра до воено подрачје, не се добиени насоки за отворање на собирни пунктови. Црвен крст Охрид континиурано има отворена телефонска линија за добивање на прва психолошка помош за сите наши граѓани кои имаат потреба поради долготрајноста на пандемијата со Ковид-19, а секако, оваа помош е достапна и за лицата кои ќе доаѓаат од Украина, додаваат од организацијата.

Нашите канцеларии, велат, се отворени за било каков друг вид на помош којa ќе биде потребнa во иднина.

Поради големиот интерес на граѓаните продолжен е и рокот за донирање до 15.04.2022 година, а сметката на Фондот на солидарноста на Црвениот крст на РСМ е: 300000001327966, даночен број: 4030984271620 АД Комерцијална банка со назнака: помош за населенито во Украина, додека може да се донираат  и 100 денари со повик на телефонските броеви 143 400.

Н.С.Ј.