Пет лица се регистрирани во Охрид кои секојдневно питачат, во Струга бројката е поголема. Посебно во летниот период, во текот на туристичката сезона бројката на питачи се движи од 30 до 50, а може да достигне и до 70, додека бројката на ниво на држава е критична, фрапантна и разочарувачка вели претседателот на невладината организација „Градиме иднина“, Илија Јовановиќ.
Денешното истражување покажува резултати дека пет лица секојдневно питачат во Охрид. Питачите се наоѓаат во угостителските објекти, во ноќните барови и клубови. Летниот период ќе правиме ново истражување, дали ќе се вклучат општините Охрид и Струга незнаеме сеуште, но ќе најдеме материјални средства да истражиме во каква состојба се наоѓаат овие градови, рече Јовановиќ.
Упатува апел сите да се вклучат во стопирањето и да се стави крај на питањето. Институциите да се вклучат во рамките на своите надлежности, но и граѓаните во Охрид и Струга да престанат да им даваат пари на питачите. Добиле уверување од министерот за внатрешни работи дека ќе бидат вклучени униформираните лица за справување со оваа ситуација.
Апелирам до сите жители на Охрид и Струга, но и туристите да престанат да им даваат пари на питачите, да престанеме да ги правиме зависни од давање парични средства, бидејќи истите завршуваат кај трети лица, не кај тие што питачат, туку кај тие кои го организираат целиот ланец на питачење, нагласи Јовановиќ.
Децата кои питачат, вели, се приморани на екстремно ниски или високи температури, боси и полуоблечени да питачат, а дневно заработуваат од три до пет илајди денари. Работното време на питачите почнува од 11 часот, а трае до 2 часот по полноќ, покажува истражувањето.
За надминување на проблемот со питачењето потребно е системско решение, со отворање дневни центри и нивно згрижување и ресоцијализација со соодветни стручни тимови. За родителите и организаторите следува затворска казна од една до седум години, а нашето Здружение ќе бара и од 15 до 20 години затвор за оние што нудат деца на питачење, додаде Јовановиќ.
Инаку според податоците на здружението „Градиме иднина“, секојдневно во државата питачеле по околу 2.000 лица, почнувајќи од мали деца, тинејџери, се до возрасни.
Н.С.Ј.














