Пет патнички автомобили и едно товарно возило се излетани од коловозот на магистралниот пат Охрид-Кичево на потегот од Ново село до планинскиот превој Пресека. Нема повредени лица, а предизвикана е материјална штета, информираат од СВР Охрид.
– Причините за излетувањето на возилата е голомразица на коловозот, замрзнат дожд, но и неприлагодена брзина на движење према условите и состојбите на патот. СВР Охрид веќе го засилува полициското присуство на патниот потег Охрид-Кичево, направена е координација и со полициската станица од Кичево за интензивирање на полициски патроли на магистралниот пат на потегот од Извор до Пресека. За настанатата состојба, СВР Охрид ја извести „Македонија-пат“, општинскиот совет за безбедност во сообраќајот на патиштата, општинскиот кризен штаб како и другите надлежни инстанци, вели портпаролот на СВР Охрид, Стефан Димоски.
Полициската станица за безбедност во сообраќајот на патиштата Охрид препорачува внимателно возење, прилагодена брзина на движење, почитување на препораките на полициските службеници и на поставената хоризонтална и вертикална сигнализација.
Екипа на СВР Охрид во која има претставник на општинскиот совет за безбедност ќе направат увид на патниот потег каде е случено излетувањето на автомобилите.
OhridNews