Осигурителната компанија Еуросиг, со седиште во Албанија која има бројни претставништва во земјите во регионот, додели пет стипендии за најдобрите студенти во втора година на Факултетот за туризам и угостителство, насока Осигурување. Претставници од компанијата денес остварија средба со деканот на ФТУ и студентите кои врз основ на високиот остварен просек, ја добиваат стипендијата.
– Изразуваме благодарност до компанијата за доделените стипендии со што не стимулираат за понатамошно залагање во текот на студиите. Максимално ќе ја оправдаме дадената доверба со надеж дека еден ден активно ќе се вклучиме во реалниот сектор од областа на осигурувањето, рече студентот Петар Упевчески.
Стипендиите се доделуваат за наредната година, а доколку овие пет студенти и наредната година остварат висок просек, ќе ја задржат доделената стипендија.
– Ние соработуваме со сите осигурителни компании, институции од областа на осигурувањето, но ова е прв пат да добиеме стипендии за наши студенти. Претходно сме имале финансиска помош за дел од нивните студии, изјави деканот на ФТУ, проф. Д-р Цветко Андреески.
Претставникот од компанијата Еуросиг, Кадри Мурина, им порача на студентите и понатаму да се залагаат и постигнуваат високи резултати со што ќе го отворат патот кон наоѓање на добро работно место во успешна компанија. Мурина најави доделување на уште две стипендии за успешните студенти, како и стекнување на пракса во некои од претставништвата на компанијата.
OhridNews