Македонската кошаркарска репрезентација по петти пат ќе биде дел од европската кошаркарска елита. „Црвено жолтите“ се дел од селекциите кои ќе настапат на Европското првенство кое се одржува во четири земји Хрватска, Латвија, Германија и Франција.

Македонската фаланга на Европското првенство се наоѓа во групата Ц со домаќинот Хрватска, Словенија, Грција, Холандија и Грузија.

– Нема неквалитетен и слаб противник во нашата група. Секоја победа на Македонија ќе биде златно вредна за нашата кошарка. Поминување на групата и пласман во втората фаза ќе биде голем успех за сите нас што активно работиме во кошарката. – рече Петар Чочорвски тренер на кошаркарскиот клуб Охрид и додаде – Местото на Македонија не би прогнозирал од сега бидејќи многу е тешко да се одреди патот на формата на вакви натпреварувања. Како човек кој активно работи во кошарката им пожелувам прво многу здравје и среќа на кошаркарите и нека не израдуваат добри игри и победи.

Селекцијата претрпе одредени потреси по смената на селекторската функција месец дена пред почетокот на Европското првенство. На местото од српскиот стручњак Александар Џикиќ седна Марјан Србиновски.

– Новиот селектор и мој близок пријател заслужува голема поддршка. Тој се нафати за водење на селекцијата во еден од најнезгодните моменти во историјата на македонската кошарка. Составот е видно изменет од минатите учества на Европските првенства и на играчите им е неопходна подрршка како и на селекторот. – порача Чочорвски.

Предводникот на охридскиот клуб за освојувањето на златниот медал на Евробаскетот ги вбројува Шпанија, Србија и Грција.

– Мене лично секогаш ми е Шпанија фаворит, а супер скоцкана селекција има Грција додека тука ја редам и Србија. Помеѓу овие три репрезентации ќе се бори битката за трофејот. Иако Хрватска и Германија имаат одличен скор на контролните средби немаат сила да им спротистават на трите селекции. – заврши Чочоровски.

 Михаил Постоловски