Унгарскиот пливач Петар Галич и Србинката Јована Јецански се победници на 10-километарскиот маратон кој по втор пат се одржа во водите на Охридското езеро. Кружната делница од 10-километри Галич ја помина за 2 часа, 2 минути и 47 секунди, додека Јецански 2 часа 36 минути и 41 секунда.

  • Интересна и добра трка во близина на брегот на езерото. Условите супер, а и конкуренцијата исто така. Водата чиста и топла. Кога ќе се сумира се јас сум задоволен. – изјави Галич.

15-годишната Јецански исто така го пофали Охридското езеро за можностите кои им ги нуди на пливачите. – Условите беа одлични и покрај тоа што имаше бранови. Маратонот во Охрид се разликува другите поради водата која е чиста и бистра. На другите места во еден момент пливачите губат осет за простор и време, бидејќи не се гледа ништо, што не е случај и во Охрид. Задоволна сум од трката, машките пливачи ми даваа мотив кога имав криза и ветувам дека и следната година ќе дојдам и ќе учествувам на овој маратон. 

Второпласиран во машка конкуренција заврши Чехот Мартин Штрака со време (2.11.29), бронзата му припадна на Борислав Фермановиќ од Србија со време (2.22.17), додека четврти финишира Македонецот Андреј Стојаноски со време (2.29.51). Во женска конкуренција немаше второпласирана и третопласирана поради изминувањето на половина час од пристугнувањето на првата маратонка.

Годинава иако со помал број на учесници продолжи традицијата започната минатата година со првото издание на кое славеа бугарските пливачи Венцислав Ајдарски и Василики Кадоглу.

  • Второто издание на Олимпскиот маратон на 10-километри помина со помалку пливачи, но со добар квалитет. Европското првенство кое моментално се одржува не ни одеше во прилог, но ние мораше да ја продолжиме традицијата и да го организираме. Замислата за одржување на ваков маратон ја имавме од 2006 година, но минатата година ги собравме потребните средства и се нафативме да го организираме. Што се однесува до паралелизмот во пливањето одговорни се инстутиции и токму тие треба да го решат. Седум месеци пливањето оди во ќор сокак. Инаку од спортски манифестации нема зијан никој и ние ќе се радуваме ако овие пливачи што беа овде пливаат и на други маратони. – изјави Кочо Паскали прв човек на Клубот за спортови на вода „Охридски бранови“ кој е организиратор на маратонот.

Наградниот фонд на 10-километарскиот маратон изнесуваше 2 000 евра, а одржувањето го помогнаа Макпетрол и локалната самоуправа.

OhridNews