Охридската фолк икона, познатиот и признат естраден уметник Петар Нечовски вечерва по јубилеен 25 пат ќе настапи на најеминентниот фесривал на народна музика во Македонија „Фолк фест Валандово“.

За 25 години обично се вели сребрен јубилеј, но во музиката за златен јубилеј тешко може да се говори, па оттаму мојот јубилеен 25 настап  на фестивалот Валандово кој започна во далечната 1985 година го сметам за слатен јубилеј, вели Нечовски.

Петар Нечовски е рекордер по бројот на настапи во Валандово за кое го врзуваат бројни награди и признанија од публиката и стручното жири, а повеќе негови песни испеани таму беа прогласувани за фолк хит на годината.

-Награди и признанија сум освојувал и на други фестивали, но во Валандово настапувам со љубов и ќеиф, затоа што овој фестивал ми ја даде првата шанса како интерпретатор да настапам. Тоа е фестивалот кој ме направи пејач и ме донесе  до некое ниво во фолк музиката, благодарение на што сум направил стотици турнеи, сум го видел  целиот свет, сум зел некоја банка повеќе од нормалниот локален пејач. Се сум постигнал во Валандово каде настапувам 25 години во континуитет, истакна Нечовски.

Нечовски својот настап на Валандово го отвори со песната „Точи вини лична Ангелино“, по што следеа познатите хитови „Ноќта е како вино“, „Пиеш да се опиеш“,„Ајде Кате да се земеме“, „Дај ми го срцето ако си сама“, која беше фолк хит на годината, „Ти само ти за мене си родена“, исто така фолк хит на годината“,„Послушај ги камбаните“, „Вечност да ти бидам“, „Ах колку беше убава“ и други. На јубилејот Нечовски ќе настапи со песната „ Вечерва пејам за вас“ придружуван од ансамблот „Билјана – јуниор“ и бројни пријатели кои со автобус на „Галеб“ денеска заминуваат за Валандово.


Петар Нечовски во 35 годишната кариера соработувал со најпознатите композитори на естрадата како што се Григор Копров, Живоин Глишиќ, Мате Груевски, Огнен Неделковски, Љупчо Мирковски и други. На почетокот тој се испроба во поп водите настапувајќи на Скопскиот фестивал во далечните седумдесети, а неколку години подоцна себе си се наоѓа во фолк музиката каде направи исклучителна кариера.

-Ние повозрасните велиме дека порано времињата беа пинакви, се вреднуваа повеќе песните, пејачите, но времето донесе и некои други трендови, хиперпродукција на песни и пејачи и големо влијание на медиумите на естрадата. Сега е ново време и мора да се адаптираш. Мора да направиш песна што ќе ја прифати народот, комерцијален хит кој ќе го вртат медиумите, без што не може да се успее, нагласува Нечовски.


По повод јубилејот на Петар Нечовски, 25 години континуиран настап во Валандово, фестивалот ќе организира посебна свеченост на која ќе биде промовирано официјално CD со песните  изведени од него.

Нечовски  вели дека се уште има мотив и елан да пее и настапува на фестивали и најавува посебно изненадување за публиката на претсојниот „Охрид фест“, кој годинава ќе ја собере македонската фолк елита.

Горан Момироски