Охрид вчера беше домаќин на промотивниот настан на Македонија 2025, на кој учествуваа претставници на охридски компании и бизнисмени. Целта на одржувањето на настанот е да ги поврзе бизнис професионалците и претставниците од дијаспората во Охрид и да ги претстави можностите за заедничка соработка. Домаќин беше охриѓанецот Петар Спасески, софтвер инженер, кој работи за познатата светска компанија Hatch, а воедно е и член на клубот на лидери на МК2025. Со Спасески разговараме за досегашните постигнувања на Македонија2025, идни планови и можни инвестирања во Охрид и Македонија.

OhridNews: Од колкаво значење е одржувањето на промотивниот настан на Македонија 2025 во Охрид и кои се пораките кои им беа пренесени на присутните?

П.С.: Овој промотивен настан беше од големо значење за нас како и за присутните поради тоа што беа презентирани мисијата, визијата и целта на Македонија2025. Исто така беа претставени и нашите програми од образовен и економски карактер кои дефинитивно сеогромен бенефит за бизнисмените и претприемачите од Охрид и околината. Главната порака која беше изнесена е дека потребата од вмрежувањето и соработките помеѓу охридските компании е голема, и дека организацијата сака се повеќе да се диверзифицира низ целата земја, со цел да се откријат нови можности за соработка, напредок на бизнисите и развој на самите индивидуи.

OhridNews: Нешто повеќе за Македонија 2025?

П.С.: Македонија2025 е основана во 2007 од македонски иселеници, кои имаат проактивен начин за придонесување кон економијата и демократскиот развој на Македонија. Со седиште во Скопје и поддржувачи низ целиот свет, МК2025 опфаќа широк спектар на програми со кои им се овозможува на иселениците да придонесат и возвратат на својата татковина. Ние сме посветени да помогнеме кон создавање на просперитетна економска клима и “посилна нација” која ќе ги подобри можностите и иновациите за граѓаните, домашните компании и странските инвеститори. Ние сакаме да промовираме одржлив економски раст преку поттикнување на конкурентноста, претприемништвото, иновациите и лидерство.

OhridNews: Дали се исполнети досегашните очекувања поради и кои беше иницирано оснивањето на Македонија 2025?

П.С.: Македонија2025 е тука за да ги сплоти и обедини Македонците ширум светот, да ги поврзе со родната земја и да помогне при трансферот на знаење и вмрежување. Преку нашите проекти и иницијативи ние го правиме токму тоа, а секако имаме  доста работа пред нас во годините што следат.

OhridNews: Целта и значењето на МК2025 Самитот што ќе се одржи во ноември во Скопје?

П.С.: Самитот на Македонија2025 е водечка регионална платформа за пренесување на знаење за бизнисот и економијата, технологијата, иновациите и лидерството. Секоја година самитот има различна тема, и овој 6-ти по ред самит ќе се фокусира на пренос на знаење од економијата и технологијата. Покрај тоа, основната цел на овој настан е да ги собере на едно место бизнисмените во Македонија и светот, претприемачите и членовите на старт ап заедницата, членовите на дијаспората, високо рангираните глобални лидери и експерти, членови на академијата, потенцијалните инвеститори итн. При ова бизнис случување ние целиме да развиеме прогресивен „мајндсет“ кај македонците, да им пренесеме знаење кое е основано на следење  на најновите современи трендови и да ги поврземе со клучните бизнис играчи во регионот како и во светот.

OhridNews: Ваши идни активности?

П.С.: Идни активности до крајот на годината се уште неколку промотивни настани од овој тип, потоа претстојната тркалезна маса за инвеститорите од дијаспора која ќе се одржи на 21-ви Септември на Скопскиот саем. По неа следува Get in the ring натпреварот за претприемачи и старт апи (31-ви Октомври на Скопскиот саем), потоа вториот повик за доделување на стипендии за Келлог школата за менаџмент во Америка, секако тука е и самитот на МК2025 кој е најголемиот настан на организацијата (1-2 ноември во хотел Мериот во Скопје)како и настан за вмрежување во Мелбурн кој ќе ги обедини бизнис професионалците од Австралија со македонско потекло, а истиот ќе биде организиран од членови на нашиот клуб на лидери во Австралија.

OhridNews: Дали може да се очекуваат инвестиции од наши иселеници во дијаспората, во Охрид и Македонија?

П.С.: Првите два самити на МК2025, односно глобалниот инвестициски самит кои се одржаа во Охрид во 2012 и 2013 година, ја позиционираа Македонија како пожелна дестинација за инвестирање. Оттаму започна и иницијативата за привлекување на странски инвестиции. Потенцијал за инвестирање има, наше е да го искористиме.

OhridNews: Ваша порака до младите со оглед на тоа дека голем број од нив својата иднина ја гледаат надвор од Македонија?

П.С.: Главната порака која ја изнесе г-динот Зоран Мартиновски, член на одборот на директори на Македонија2025 беше дека младите од Македонија си одат и тоа е во моментот реалност со моја мора да се соочиме. Она што можеме да направиме е да го искористиме овој хендикеп кој за жал ни се случува, преку неуморно пристапување на дијаспората во целиот свет и нивно анимирање со цел да инвестираат или да и помогнат на Македонија да се развива на економски план, што подоцна би резултирало со создавање на една прогресивна земја која нуди многу поволности за младите и ќе ја привлече назад заминатата проактивна младина.

OhridNews