Сериозни повреди на рацете, очите, лицето и кожата може да предивика употребата на петарди и други видови на пиротехнички средства, па затоа децата и младите треба да се воздржат од нивната употреба за време на Новогодишните и Божиќните празници. Ова беше истакнато на денешната презентација на преоктот „Превенција на злоупотреба на пиротехнички средства“, кој го реализира  СВР Охрид во соработка со охридскиот Црвен Крст.

Во рамки на овој проект ќе бидат одржани низа едукативни предавања и презентации за учениците во сите охридски основни училишта.

-Целта на проектот е едукација и подигнување на јавната свест кај граѓаните посебно кај младата популација за опасностите од употреба на петардите и другите пиротехнички средства. Самата презентација ги опфаќа најчестите ризици и опасности од злоупотребата на пиротехничките средства. Во презентацијата особено се обранува внимание на тоа дека употребата на ваквите пиротехнички средства е забранета, појасни Живко Савиќ од Одделението за превенција при СВР Охрид.

Освен загрозување на безбедноста на грѓаните и можните повреди, со неовластената употреба на пиротехнички средства се врши прекршок, за кој Законот за прекршоци против  јавниот ред и мир предвидува парични казни од 100 до 800 евра.

-Лицето кое на јавно место неовластено приредува огномет, факелијада или слична приредба или не преземе мерки за безбедноста ќе му се изрече глоба во износ од 100 до 400 евра. Родител или старател чие дете, односно штитеник поради занемарено грижење врши прекршоци од овој закон ќе му се изрече глоба во износ од 600 до 800 евра во денарска противредност. Казнените мерки се последен чекор во нашето делување, откако ќе бидат исцрпени или максимално применети сите превентивни мерки. Целта е и со казнените одредби да се делува врз децата и врз родителите бидејќи тие се главниот фактор кои треба да влијаат едукативно врз децата, рече Стефан Димоски, потпарол на СВР Охрид.

Тој истакна дека како резултат на интензивните мерки и успешни акции што секоја година во овој период се спроведуваат на целото подрачје на СВР Охрид, се бележи континуиран пад на нелегалната трговија со пиротехника и пиротехнички средства.

-Во текот на минатата 2013 година, полициските службеници во Охрид и Струга пронајдоа вкупно 11.212 петарди и други пиротехнички средства наменети за понатамошна продажба. Истите беа пронајдени при контроли на градскиот пазар во Струга поточно во и околу магацини и тезгите каде се чува и продава овошје. Околу 7.000 различни пиротехнички средства, беа пронајдени и одземени во акцијата при крајот на минатата година во селото Лескоец. Оваа количина беше  пронајдени при претрес во магацински простор од кафетерија во ова село. Најголемиот дел од пронајдените пиротехнички средства се петардите т.н. пиратки „Мирновец“ и „Крекери, појасни Димоски.

СВР Охрид во текот на наредните денови ќе врши засилени контроли, со цел превенирање но и санкционирање на правните и физички лица кои неовластено продаваат и користат петарди и други пиротехнички средства. Годинава, ова акција ќе се спроведува под мотото „Среќна и безбедна 2015 година“. 

Е.М