Одборот ќе биде составен од пет члена, а како претседател ќе биде предложен актуелниот потпретседател на здружението на граѓани „Богојавление“, Димитри Пендо.
– Во одборот ќе учествуваат претставници и од локалната самоуправа, а ќе треба да го координира понатамошното реализирање на идејата за подигање на споменикот. По неговото формирање ќе се распише конкурс за идејно решение кој ќе трае 30 дена, вели претседателот на Богојавление, Љупчо Арнаудов.
Првичната идеја е споменикот да биде со висина од 15 до 20 метри. По изборот на идејното решение ќе се одлучи и за локацијата на која ќе биде поставено спомен- обележјето. Засега се знае дека тоа ќе биде околу старото градско пристаниште или кај охридската Капетанија.
Како што е познато, иницијативата за подигање на споменик посветен на празникот Богојавление- Водици е на овогодинешниот кум на манифестацијата, Ванчо Чифлиганец, кој во целост ќе ги донира средствата потребни за изградба и поставување на споменикот.