Во Охрид, од пред неколку дена, започна постапката за собирање потписи, која предвидува, фабриките-загадувачи да се градат на 5км оддалеченост од населените места. Иницијативата ја поднесе Еколошкото друштво „Вила Зора“ од Велес во соработка со Движењето на екологисти од Македонија, чија членка е и Еколошкото друштво „Грашница“  од Охрид.

Со измената на член 20 од Законот за животна средина, изградбата на тешка индустрија во градовите, ќе стане минато. Според претседателот на ЕД „Грашница“ – Борче Стојаноски, направен е пропуст во овој дел од законот. „Акцијата е иницирана од актуелниот проблем со топилницата во Велес. Со корекцијата на членот, во иднина нема да се повторат ваквите случаи во другите градови во Македонија. Ова ќе важи за новопланираните капацитети кои ќе се градат понатака, а не за веќе постоечките.“  – вели Стојаноски.


Исто така, Стојаноски нагласи дека до петок, треба да се соберат 100 потписи на ниво на државата, со што ќе се добијат одврзани раце за нова петиција. „Овие 100 потписи ќе ни овозможат да иницираме нова петиција со 10 000 потписи, која е услов акцијата да влезе во собраниска процедура. Кампањата за неа ќе биде пожестока и поинтензивна“  – додава претседателот на ЕД „Грашница“.

Инаку, оваа почетна петиција, граѓаните ќе можат да ја потпишат до петок, во просториите на подрчаната единица на министерството за правда, во општинската зграда.

OhridNews