Изборот на претседателката на СДСМ Охрид, Кристина Крлеска-Деспотоска за раководител на Централен регистар – Охрид е незаконски, истакна на денешната прес конференција пратеничката од ВМРО ДПМНЕ, Лидија Петкоска.
Согласно Јавниот Оглас објавен за избор на Одговорно лице за работење – Раководител, каде стои дека кандидатот треба да има завршено високо образование Правни или Економски науки со најмалку 240 кредити стекнати според ЕКТС или завршен VII/1 степен и најмалку четири години работно искуство во струката од кои најмалку една година на работно место во јавен сектор, претседателката на СДСМ Охрид не ги исполнува погоре наведените критериуми за избор на раководно лице во Централниот регистaр. Согласно евиденцијата од Агенцијата за вработување Крлеска-Деспотоска нема доволно работно искуство во струката на работно место во јавен сектор, потенцира Петкоска.
Во случајот со јавниот оглас за избор на раководител на Централен регистар Охрид, потенцира Петкоска потребно е минимум една година работно искуство на било која позиција од другата група за која е потребна диплома од завршено високо образование, односно факултетска диплома.
Крлеска-Деспотоска, согласно нејзиниот договор за вработување во ЈП „Охридски комуналец“ од 9.5.2012 година до 10.11.2017 година е на работно место референт по план и анализи, а по завршување на нејзиниот мандат како директор на ЈП „Градски пазар“ од 12.11.2021 година повторно се враќа на позицијата помлад референт по план и анализи. И во двата случаи работното искуство кое го стекнува претседателката на СДСМ Охрид е со средно образование, вели Петкоска.

Оттука, изборот на претседателката на СДСМ Охрид, Кристина Крлеска-Деспотоска за раководител на Централен регистар – Охрид е незаконски. Ние за овие незаконски дејствија ја поседуваме документацијата од која јасно може да се утврди претходно наведеното и за истата ќе го известиме со претставка Трудовиот инспекторат и Агенцијата за спречување на корупција. Ги повикуваме сите надлежни институции да преземат мерки, а претседателката на СДСМ ОХРИД, Кристина Крлеска-Деспотоска, да покаже доблест и уште денес да се повлече од раководната позиција во Централен регистар и од политичкиот живот, додава Петкоска.
Н.С.Ј.












