Актуелната власт предводена од СДСМ и аболицираниот политичар Зоран Заев, заедно со неговиот тим ја донесе македонската економија до колапс. Освен младите, земјата ја избегнуваат и странските инвеститори и капиталот, рече на денешната прес конференција Лидија Петкоска, советник во Советот на општина Охрид и претседателка на Унија на жени на ОК Охрид.

  • Додека власта предводена од СДСМ ја замајува јавноста, сурова реалност е дека во Република Македонија владее кеш-коруптивната епидемија, над 500.000 граѓани живеат на прагот на сиромаштија и над 50% од младите се невработени и размислуваат да си заминат, затоа што не ја гледаат иднината тука. Граѓаните на Охрид и Струга се сведоци на фактот дека во ТИРЗ Струга, на површина од вкупно 30 хектари, работи само ОДВ Електрик од Германија-инвестиција која е резултат на претходната влада предводена од ВМРО-ДПМНЕ. Моментално во оваа зона не гледаме дека има багери, кранови и дека нешто се работи на терен, посебно не кога се зборува за изградба на нов индустриски капацитет. Каде се добро платените работни места за Охрид кои ќе обезбедеа ликвидност на домашните фирми?, праша Петкоска.

Петкоска ја обвини актуелната власт за заминувањето на граѓаните, дивоградбите во Охрид, како и за загадувањето.

  • Охрид можеше да живее и од туризам, но оваа неспособна власт и туризмот го падна на колена и наместо туристи, Охрид го заѕида во дивоградби и му донесе само загаден воздух. На прав пат сме да го загубиме и УНЕСКО статусот! Незнаењето и неспособноста на луѓето кои управуваат со економските процеси во нашата земја се основните причини кои ја зголемија деловната несигурност во земјата и истата ја направија земја со нарушена инвестициска клима. Тоа за нас граѓаните значи помалку работни места, помалку работа за домашните фирми и понизок економски раст. Факт е дека охридско-струшкиот регион со децении продуцира високо стручни кадри од технолошките науки. За жал, овие кадри нема каде да аплицираат за работа и затоа воопшто не треба да се чудиме зошто квалитетните кадри заминуваат надвор од Република Македонија, а овој несопирлив тренд е многу опасен за и онака клинички веќе мртвата економија на Македонија, рече Петкоска.

OhridNews