По неуспешното петгодишно владеење и фијаското што го доживеа во САД по неодамнешната посета, Груевски процени дека предвремените парламентарни избори му се последната можност колку-толку да ја спаси сопствената чест, но и да го спаси ВМРО-ДПМНЕ од катастрофален пораз на редовните избори во 2012 година, истакна на вчера одржаната трибина во Охрид, претседателот на НСДП, Тито Петковски.


– Под притисок од домашниот и меѓународниот фактор, дека не прави ништо околу проблемот со името, НАТО и ЕУ интеграциите, Груевски ќе се обиде уште еднаш, на темата предавници и патриоти, да издејствува уште еден мандат. Во сите други сфери на животот состојбите се катастрофални и не му даваат никакви шанси за успех, особено во сферата на правната држава, слободата на медиумите и меѓуетничките односи, рече претседателот на НСДП.


 
Петковски потенцира дека НСДП го прифаќа предизвикот за предвремени избори и бара  тие  да се одржат во рокот предвиден со Уставот (60 дена по распуштање на Собранието на Република Македонија). До одлуката за негово распуштање, да се измени Изборниот законик во делот на сугестиите од ОБСЕ/ОДИХР, барањата на партиите на помалите етнички заедници за гарантирани мандати и враќањето на парламентарните партии во изборниот процес, преку претставници во изборните органи. Единствениот избирачки список да се прочисти и потврди од страна на парламентарна комисија составена на паритетна основа од парламентарните партии на чело со претставник од опозицијата.
 
Невозможни се фер и демократски избори во услови на медиумски мрак или потполна медиумска контрола од страна на власта. За таа цел сметаме дека пред се е неопходно власта да ја тргне блокадата на работата на А1 телевизија и пишаните медиуми кое се критички настроени кон неа. Веднаш да започне постапка за реформа на МРТВ и нејзино прераснување од партиски во јавен радиодифузен сервис, им се обрати на присутните претседателот на НСДП, Тито Петковски.

OhridNews