Убиството над петтемина рибари што пред два дена се случи на Железарското Езеро кај Смиљковци – Скопско, го извршиле повеќе лица. На ова укажуваат првичните резултати од истрагата, која утврдила дека врз петтемина убиени било пукано од три типа оружје, зашто се најдени чаури од три различни типа муниција. Тоа, како што посочи министерката за внатрешни работи Гордна Јанкулоска, сугерира дека има повеќе од еден извршител на грозоморниот чин.

Таа истакна дека имало поголем број истрели од три различни агли од непосредна близина. Било пукано во горниот дел на телата на жртвите. Смртта настапила од огнострелните рани кои биле видливи, а други траги од физичко насилство немало.

– Врз основа на направената обдукција потврдено е дека смртта кај петтемина убиени настапила како последица од повеќе прострелни рани кои кај четири од лицата се нанесени од непосредна близина, додека кај петтото лице од малку поголема оддалеченост. Според вештачењето се претпоставува дека е пукано од три локации и од три различни оружја, соопшти полицијата која формираше специјален Оперативен тим за расветлување на убиството.

Полицијата се’ уште трага по сторителите, а не се исклучува можноста тие и да ја напуштиле земјата, поради што се известени и полициите во соседните земји. На информативен разговор биле повикани педесетина лица, а МВР отвори и посебна телефонска линија 199 на која граѓаните може да се даваат информации што ќе  помогнат во истрагата.

– Сакам да ги уверам граѓаните дека преземаме најенергични мерки за расчистување на ова петкратно убиство и да им порачам на извршителите дека не може да и избегаат на правадата, изјави Јанкулоска, посочувајќи дека петкратното убиство кај Смиљковци е најсериозно кривично дело на кое МВР досега работело.

Мотивите за грозоморниот чин се непознати. Убиените како што информираше министерката Јанкуловска воделе чесен живот и немале ниту пријава за сообраќаен прекршок. Таа апелираше граѓаните да се воздржат од шпекулации и од подгревање меѓуетнички тензии бидејќи се уште не се знаат извршителите на убиството.  

-До овој момент немаме податок ниту за евентуалните мотиви на петкратното убиство. Сите информации кои случајно или намерно се пласираат во јавност, а се поврзани со меѓуетничките односи во Македонија, се во доменот на шпекулации, зашто досегашниот тек на истрагата нема потврда за тоа, истакна Јанкуловска.

Таа ги повика граѓаните на смиреност и празникот Велигден да не се користи за подигање на тензии.

Во местата од каде што потекнуваат жртвите денеска е мирно, но со засилено полициско обезбедување. Петтемина убиени денеска беа погребани, а општина Бутел денешниот ден го прогласи за Ден на жалост и ги спушти знамињата на половина копје.

OhridNews