Пет лица се приведени во рамки на полициската потрага по човекот кој изврши вооружен напад на божиќeн панаѓур во Стразбур, но тој сè уште е на слобода, изјави денеска државниот секретар на француското Министерството за внатрешни работи, Лоран Нуњез.

Нуњез за француско радио изјави дека можно е напаѓачот да побегнал во соседна Германија, како и дека сè уште не е утврдено дека мотивот за нападот е тероризам.

Во пукањето загинаа најмалку тројца луѓе, а 15 се повредени. Државниот секретар нагласи дека треба да се биде внимателен при квалификацијата на делото.

Францускиот официјален претставник изјави дека напаѓачот ѝ бил познат на полицијата за голем број кривични дела што не се поврзани со тероризам, односно дека тој никогаш не сторил кривично дело во врска со тероризам.

Тој сепак додаде дека разузнавачките служби почнале да го следат човекот откако било забележано дека религиозно се радикализирал, но никогаш не покажал знаци дека ќе го демонстрира тоа на дело и дека ќе изврши напад.

Напаѓачот е идентификуван како 29-годишниот Шериф Чекат, а неговиот стан претходно бил претресен во рамки на истрага за грабеж извршен летото.