Најмалку 15 лица се повредени, а повеќе од 1.000 граѓани побарале помош преку Единствениот број за итни повици 112 по силното невреме проследено со оркански налети на ветер што попладнево го зафати Скопје, оставајќи зад себе голема материјална штета.
Деветмина од повредените се примени на Универзитетската клиника за трауматологија, ортопедски болести, анестезија, реанимација, интензивно лекување и Ургентен центар (ТОАРИЛУЦ), додека шест лица се згрижени на Универзитетската клиника за хируршки болести „Св. Наум Охридски“.
Силниот ветер корнеше дрвја, откорнуваше покриви и оштетуваше автомобили на повеќе локации низ главниот град. Голема материјална штета е причинета и во Градската општа болница „8 Септември“, каде невремето оштетило делови од објектот.
Драматични сцени се забележани и во населбата Карпош, каде паднати дрвја затрупаа и оштетија повеќе паркирани возила. Снимките и сведоштвата на жителите ја доловуваат силината на невремето, а граѓаните велат дека се шокирани и вознемирени од последиците што за само неколку минути ги предизвика силниот ветер.
Според директорот на Центарот за управување со кризи, Мухамед Али, до вечерва преку бројот 112 биле евидентирани повеќе од 1.000 повици од граѓани, најмногу поради паднати дрвја, оштетени покриви, возила и друга материјална штета. Надлежните служби се на терен и работат на расчистување на последиците.
Од Управата за хидрометеоролошки работи предупредуваат дека нестабилното време ќе продолжи и во наредните денови. До петок, под влијание на серија влажни и нестабилни воздушни маси, времето ќе биде променливо облачно со пороен дожд, грмежи и засилен ветер, а локално се очекуваат краткотрајни невремиња проследени со силен ветер и изолирана појава на град. Во петок се прогнозираат пообилни врнежи, по што, поради продор на постудена воздушна маса од север, ќе следува значително намалување на температурите.
OhridNews
Фото/видео: Жители на нас. Карпош 1, Скопје














